Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје против три лица – Д.К., Г.С. и С.С., осомничени за криумчарење и фалсификување исправи. Осомничените се дел од веќе разоткриена шема за внес на луксузни автомобили од странство со лажни документи. Дел од учесниците веќе се соочуваат со судски постапки, некои се осудени, додека за други кривичниот прогон е префрлен на Република Бугарија поради нивното државјанство, соопшти МВР.
„Со акцијата реализирана вчера под координација на јавен обвинител, се обезбедија докази кои даваат основано сомнение за организирано криумчарење и фалсификување документи“, соопшти МВР.
Според пријавата:
Д.К. во март 2022 година преку граничниот премин Деве Баир организирал криумчарење на автомобил Тојота ЦХР, вреден 22.500 евра, кој бил предмет на меѓународна потрага. За регистрација користел лажни таблички и исправи изготвени од веќе осудено лице.
Г.С. во август 2021 година поттикнала двајца бугарски државјани да извршат криумчарење на Лексус НХ300Х, вреден 15.000 евра. Автомобилот го презела со фиктивен договор за купопродажба и потоа со лажни бугарски таблички и исправи извадила сообраќајна дозвола во земјава.
С.С., управител на правно лице, избегнувајќи царинска контрола, внел Ланд Ровер – Рејнџ Ровер Евок вреден 17.340 евра со преправен број на шасија и со целосно лажни документи го регистрирал возилото.
Под сомнение за „Фалсификување службена исправа“ се и А.К. и А.Ш., службени лица во управните служби на МВР, за кои постојат сомненија дека ги изготвиле и издале нелегалните сообраќајни дозволи.