Сомнеж за незаконска исплата на донациски средства во кошаркарскиот клуб Куманово

Сомнежи за незаконско трошење на донациски и јавни средства во кошаркарскиот клуб Куманово 2009 резултираа со поднесување кривична пријава до Основното јавно обвинителство Куманово. Пријавата се однесува на В.Б., кој бил извршен член на одборот на директори на друштвото и е осомничен за злоупотреба на службената положба и овластување.

Кривичната пријава е поднесена од Управата за финансиска полиција по член 353 ставови 4 и 5 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Одлука донесена без седница на Одборот

Според наводите во пријавата, В.Б. како овластено лице ги пречекорил границите на своите службени овластувања. Тој постапувал спротивно на член 14-д од Законот за спорт и спротивно на договорите за донација на финансиски средства.

Договорите биле склучени помеѓу Стопанска банка АД Скопје и Цементарница УСЈЕ АД Скопје како даватели на донација и кошаркарскиот клуб Куманово 2009 АД Куманово како примател на средствата.

Имено, пријавениот, самоволно, свесно и со однапред утврдена намера, донел одлука која сам ја потпишал без да свика седница на Одборот на директори. Со таа одлука дал налог за исплата на парични средства од клубот кон себе и уште две лица, по основ награда – бонус.

Штета од речиси пет милиони денари

Исплатените средства потекнувале од донации и спонзорства обезбедени од Стопанска банка АД Скопје и Цементарница УСЈЕ АД Скопје, како и од парични средства доделени во форма на ваучери од Агенцијата за млади и спорт.

Според Финансиската полиција, овие средства по ниту еден законски основ не смееле да бидат исплатени на ваков начин. Со ваквото постапување, пријавениот В.Б., со намера за себе и за други лица да прибави противправна имотна корист, нанел имотна штета на кошаркарскиот клуб Куманово 2009 АД Куманово во вкупен износ од 4.896.000 денари.