Крушево е подготвено за одбележувањето на 123-годишнината од Илинденското востание и создавањето на Крушевската Република. Со низа културни, историски и забавни содржини, од 1 до 10 август ќе се одржи традиционалната манифестација „10 Дена Крушевска Република“, која од минатата година има статус на национална установа.

Првиот настан во рамки на манифестацијата ќе биде свечениот пречек на Илинденските коњаници, кој ќе се одржи утре вечер од 18:30 часот во центарот на Крушево, пред Столбот на Крушевската Република и црквата „Свети Никола“. Се очекува пристигнување на околу 140 коњаници од повеќе делови на Македонија.

„Свеченото пречекување на коњаницата секоја година, а и годинава е на 31 јули, утревечер во Градскиот парк во Крушево, односно пред Столбот на Крушевската Република. Оваа година ќе имаме од 120 до 140 коњаници. Веќе сме во координација и остваривме и состаноци околу делувањето во Манифестацијата, за нивниот пат и за нивните рути, како и секоја година. Мислам дека треба да се даде поголемо внимание на овој чин, бидејќи останува како автентично доживување за гостите“, изјави Захарија Ангелеска од НУ Дом на културата „10 Дена Крушевска Република“- Крушево.

Традиционалното отворање на манифестацијата ќе се одржи на 1 август на Гумење, каде ќе биде оддадена почит на илинденците и ќе се потсетат историските настани поврзани со создавањето на Крушевската Република како еден од темелите на современата македонска државност.

Главен покровител на манифестацијата е Општина Крушево. Организаторите најавуваат дека ќе биде зачуван традиционалниот начин на празнување со македонска песна, но ќе има и забавна програма која годинава ќе биде организирана во Градскиот парк.

„Го зачувуваме стариот, традиционалниот начин на празнување, односно со македонска песна, а го имаме и забавниот дел кој годинава ќе биде сместен во Градскиот парк. Значи, главното збиднување ќе биде на Гумење, а забавниот дел ќе биде во Градскиот парк“, рече Ангелеска.

Според програмата, модератор на централниот настан на Гумење годинава ќе биде Рубенс Муратовски. Химната ќе ја изведе баритонот Иван Наумовски, на присутните ќе им се обрати градоначалникот на Крушево Нико Чоневски, а актерот Игор Трпчески ќе го прочита Крушевскиот манифест.

Во рамки на свечената програма на Гумење ќе се огласи Црешовото топче, ќе има огномет, како и настап на Ансамблот „Никола Јонков Вапцаров“ од Горно Лисиче од Скопје. Од 21:15 часот ќе настапи групата „Чалгии мерак“ од Скопје.

Во Градскиот парк во Крушево, вечерта од 22:45 часот, ќе настапи групата „Супер хикс“.

Централното чествување на празникот ќе се одржи на 2 август, на Илинден, на Мечкин Камен.

Манифестацијата „10 Дена Крушевска Република“ годинава ќе понуди богата програма со различни настани и работилници, а на 5 август е предвидена научна трибина посветена на придобивките од Илинденското востание и Крушевската Република.

„Задоволство е што се вклучени и младите кои сакаат да учествуваат во настаните зашто така се пренесуваат традициите и историските придобивки“, додаде Ангелеска од НУ „Дом на културата – 10 Дена Крушевска Република“- Крушево.