,,Подобро добро изолирана одошто брзоплета изјава“. За политичкиот аналитичар и извршен директор на МЦМС, Александар Кржаловски не е спорно што Премиерот Димитар Ковачевски после три дена во видео порака се произнесе за отворањето на бугарскиот културен центар „Ванчо Михајлов” во Битола, туку “спорна“ е порака која е пренесена во реакцијата.

Според Кржаловски во неа само се засилува тоа чувство дека всушност сме многу далеку од решение.

Кржаловски не е оптимист дека ќе се постигне некаков Договор до јуни, а шансата за договор не ја гледа ниту во блиска иднина.

Лидер: Ваш коментар за реакцијата на Премиерот Ковачевски, кој после три дена во видео порака одговри за посетата на Петков и отворањето на Клубот Ванчо Михајлов во која тој нагласи дека: – ,,Со последната посета на бугарската делегација во Битола се разбудија духовите од минатото поттикнувајќи го повторно говорот на омраза и недовербата против кои успешно се боревме. Антифашистичката определба на граѓаните е дел од нашиот национален идентитет и македонските граѓани се определени за членство во ЕУ, но провокации кои ги повредуваат нашите чувства ја загрозуваат таа определба. Имаме стратешка цел за влез во ЕУ, но достоинствено со својата национална гордост и посебност“.

-Очигледно требаше и мораше да има реакција по случувањата изминатава недела, на нешто што во најмала рака изгледаше некоординирано меѓу двете Влади. Половина бугарска Влада да дојде тука на настан на отварање на бугарски клуб а никој од нашите да нема на настанот, да не биде присутен ниту еден министер и да нема средба на Премиерите кога веќе се доаѓа во посета на друга држава! Особено по тоа што се случи со именувањето на клубот кој предизвика голема реакција“негативна“ во јавноста, бидејќи знаеме за каква личност се работи.

И сега Премиерот веројатно мораше да ги измери сите работи пред да реагира. Да, подоцна од што требаше, но подобро добра изолирана одошто брзоплета изјава.

Така да, не гледам голем проблем што три дена му требаа на Премиерот да реагира, но сега гледам проблем во изјавата. Изјавата само по себе си е во ред, но не гледам дека оди во насока на тоа што беше до сега декларирано дека се развиваат добри односи меѓу двете нови Влади. И ова некако ми изгледа сосема обратното. Ковачевски фактички декларира дека процесот е нарушен а да не речам и срушен, а за тоа имаме само два месеци за тој некој пак судбоносен датум за Самит . Некои оптимистички најави зборуваа и за 24 мај на Св.Кирил и Методиј денот дека ќе се објави Договор, а сега тоа изгледа многу далечно. Јас одамна велам дека не сум оптимист дека воопшто ќе се постигне некаков Договор. Со ова само се засилува тоа чувство дека всушност сме многу далеку од решение.

Полека, повеќето луѓе и кај нас разбираат кои се суштинските барања и очекувња на Бугарите и тоа е едноставно непомирливо и не може да доведе до решение со прифаќање од наша страна.

Секако може да се најде “јунак“ кој ќе прифати, но очигледно е дека тоа е тотално неприфатливо за целото и големо мнозинство од населението . И никој не сака за сега да го направи тоа што го направи Заев со Преспанскиот Договор, кој исто така беше неприфатлив за мнозинството, особено за големо мнозинство од Македонците етнички. Но го направи тоа, и ете мрдна работата во смисла Грција да НЕ блокира. Но, сега еве дури ни Заев не беше спремен а еве гледам ни Ковачевски не е спремен на остапки од природа какви што бара Бугарија и тоа ми го потврдува, она што го реков дека, не гледам шанси за било каков Договор до крај на јуни, а богами и доста понатаму!-вели Кржаловски во изјава за Лидер.