Соопштенијата и објавите на СДСМ за наводен „увоз на мигранти од Британија“ не се поткрепени со фактите и ја извртуваат владината одлука за годишни работни дозволи за странски работници.
Со владина одлука е дозволено ангажирање на вкупно 10.000 странски државјани во 2026 година за потребите на домашниот пазар на труд, мерка што стапува во сила од 16 јануари и, според надлежните, има цел да ја поддржи економијата и да го надмине недостигот од работна сила.
Од утврдената квота, 9.750 дозволи се однесуваат на редовно вработување, при што 4.500 се за нови ангажмани, а 5.250 за продолжување на веќе постојни работни дозволи на странски државјани кои веќе работат во земјава. Дополнително, предвидени се 200 дозволи за упатени работници и 50 за сезонска работа.
Од Министерството за економија и труд информираат дека состојбата на пазарот на труд ќе се следи континуирано, како и искористеноста на квотите, со цел мерките навремено да се приспособуваат на реалните економски потреби.
Зголемувањето на квотата следува по долгогодишните укажувања од бизнис-заедницата дека недостигот од работна сила е сериозен проблем, особено во градежништвото, угостителството, трговијата и преработувачката индустрија.
Податоците покажуваат дека најголем интерес за работа во земјава имаат државјани од Бангладеш, Непал, Индија, Турција, Кина и Филипини, додека нема ангажирање работници од Велика Британија. Работните дозволи се издаваат по утврдени лиценци и процедури што Владата ги применува секоја година.
Годинава бројот на дозволи е три и пол пати поголем во споредба со состојбата пред пет години, кога дозволи добиле 1.704 лица. Владата секоја година утврдува квота за странски работници што не смее да надмине 5% од вкупно вработеното население, при што синдикатите со години бараат поголема либерализација на пазарот на труд и зголемување на квотите.
Наспроти ваквите податоци, обидите темата да се претстави како „мигрантска криза“ и да се поврзе со наводни договори со Британија се оценуваат како манипулација и ширење неоснован страв, наместо информирање за реалната политика за пополнување недостиг од работна сила.
