Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека ја смета Северна Македонија за сојузничка и пријателска земја со заеднички цели кон Европската унија, објавија косовските медиуми.

Курти при посетата на Призрен повтори дека неговата посета на Чаир и Тетово во петокот била на покана на двајцата градоначалници на тие општини.

„Република Северна Македонија ја сметам за партнер, сојузник и пријател. Таа како и нас цели кон евроинтеграции, и таа е членка на НАТО, а ние тука го имаме НАТО. Ова покажува дека нашите односи се одлични“, рече Курти.

Како што наведе, средбите со градоначалниците на Тетово и на Чаир никому нема да му наштетат.

„Средбите не беа одржани како средби и собири против никого. Со добри односи меѓу нас никој нема да настрада. Други изјави не коментираме, но секогаш сме изразувале волја за соработка“, додаде Курти.