Косовскиот премиер Албин Курти тврди дека изјавата на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, дека ќе се спротивстави на членството на Косово во Обединетите нации, претставува „јасно кршење на една од точките од европскиот предлог“.

„Претседателот на Србија синоќа вети дека ќе се спротивстави на членството на Косово во ОН. Ова би претставувало јасно прекршување на членот 4 од предлогот на ЕУ“, напиша Курти на Твитер.

 

 

 

Тој изјави дека нормализацијата на односите е можна „само ако двете страни преговараат со добра волја“ и смета дека Србија „очигледно одлучила да не го прави тоа“.

Вучиќ синоќа гостуваше на РТС и рече дека ништо не потпишал во Брисел, бидејќи предлогот на ЕУ имплицира дека Србија не е против членството на Косово во ОН.

Тој посочи дека во Брисел не е постигнат договор, но дека е договорено продолжување на разговорите и дека „секаде недвосмислено кажувал дека не можеме да разговараме за признавање на Косово, ниту за членство во ОН“.