Младиот лав Уганда ја нападнал и ја усмртил лавицата Тајри во Зоолошката градина во Загреб, соопштија од установата. Од таму наведуваат дека двата лава претходно биле успешно споени и дека во периодот додека престојувале заедно немало индикации дека може да дојде до ваков настан.
Според информациите од загребската Зоолошка градина, Уганда и Тајри на 10 јули биле споени во помошниот простор, а од 21 јули почнале заедно да престојуваат во надворешното живеалиште.
„Двојката добро се сложуваше и немаше индикации дека може да се случи таков настан“, соопштија од Зоолошката градина.
Откако вработените дознале за нападот, биле преземени сите потребни мерки за обезбедување на безбедноста на посетителите, вработените и останатите животни во градината. Во соработка со експерти од други институции ќе се анализира случајот со цел да се утврдат причините што довеле до нападот.
Од загребската ЗОО посочуваат дека конфликтите меѓу дивите животни се дел од нивното природно однесување. Тие додаваат дека младите лавови се животни со исклучителна големина и сила, поради што процесот на нивно запознавање и воведување во заеднички простор бил спроведен со засилен надзор и низа безбедносни мерки.
Уганда и Тајри неодамна пристигнале во Загреб со цел размножување, како дел од европската програма за зачувување и размножување на видот. Тие припаѓаат на северната популација на африканскиот лав, кој според Црвената листа на Меѓународната унија за зачувување на природата има статус на загрозен вид.
