Однесувањето на руските војници во Украина е еднакво на геноцид, изјави претседателот на Летонија, Егилс Левитс по враќањето од Киев.
– Тоа што го видов би го нарекол геноцид… Глетката на предградијата на Киев уништени од воздушни и ракетни напади беше многу емотивна. Се гледа дека руските сили дејствуваат со посебна суровост со цел да убијат што повеќе цивили, наведе Левитс.
Тој додаде дека на Украина сега и е потребно лесно и тешко оружје.
Претседателите на четирите земји-членки (Естонија, Летонија, Литванија и Полска) на Европска Унија и на НАТО пред два дена со воз отпатуваа до Киев во знак на солидарност со Украина да се спротивстави на руската инвазија.
Тие пред средбата со украинскиот претседател Володимир Зеленски ги посетија сериозно оштетените области околу Киев.
Лидерите разговараа и за економска и финансиска помош, вклучително и за можноста за извоз на жито од Украина преку балтичките и полските пристаништа.