Лидерите на  „Влен“ ќе одржат седница денеска во 14 часот во Скопје, како реакција на одлуката на Алијанса за Албанците да настапи со сопствени листи на советници на претстојните локални избори, но без да ја напушти владината коалиција.

Информацијата ја потврди првиот вицепремиер и министер за животна средина, Изет Меџити, кој денеска говореше од Липково.

„Во 14 часот ќе има седница на Влен, по што медиумите и јавноста ќе бидат информирани за ставовите на Влен околу ова прашање“, изјави Меџити.

Синоќа, Централното претседателство на Алијансата за Албанците, предводена од Арбен Таравари, во Тетово одлучи да настапи самостојно на локалните избори со свои кандидатски листи за општинските совети. Според Таравари, оваа одлука не значи напуштање на Владата, ниту излегување од коалицијата „Вреди“.

„И понатаму остануваме дел од коалицијата и од Владата. Станува збор за одлука која се однесува исклучиво на локалниот политички контекст“, рече Таравари по завршувањето на партиската седница.

Очекувањата се дека денешниот состанок на лидерите на „Влен“ ќе ги разјасни ставовите и можните импликации на новонастанатата ситуација за коалициските односи во пресрет на изборите.

Извор: Курир