Обезбедени 110 милиони денари за водоснабдување во Љубанци и Љуботен
Љубанци и Љуботен, двете села во општина Бутел, ќе добијат чиста вода за пиење од градскиот водовод, откако Владата на Република Македонија одобри над 110 милиони денари за реализација на овој капитален инфраструктурен проект. Средствата се обезбедени по барање на општина Бутел, како дел од заложбите за подобрување на основните услови за живот на локалното население.
Костовски: Историски ден за Бутел и исполнето ветување до жителите
„Ова е ден за историја, не само за Љубанци и Љуботен, туку и за цела оштина Бутел. По децении чекање, жителите на овие села конечно ќе имаат безбеден пристап до чиста вода за пиење,“ изјави градоначалникот на Бутел, Дарко Костовски.
Тој нагласи дека реализацијата на проектот е резултат на интензивна комуникација со централната власт и искрен ангажман за решавање на едно од клучните прашања за оваа општина.
Техничка документација подготвена, градежните активности наскоро започнуваат
Костовски упати јавна благодарност до премиерот Христијан Мицкоски и до вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николовски за, како што рече, значајната поддршка за оваа стратешка инвестиција.
„Жителите на Љубанци и Љуботен ни дадоа доверба и нè охрабруваа да не се откажеме. Им ветивме дека нема да бидат заборавени, денес го исполнивме тоа ветување,“ изјави Костовски.
Проектот веќе има изработена целосна техничка и проектна документација. Општина Бутел за таа намена издвои над 4 милиони денари од својот буџет, со што се овозможи подготвеност за почеток на реализацијата. Очекувањата се дека градежните активности ќе започнат наскоро, со што ќе се обезбеди трајно решение за водоснабдувањето на двете села.