Дел до локалните еко активисти ниту најмалку не се „обични“ или „случајни“активисти загрижени за заштита на животната средина, а за ова потврда доаѓа од странските истражувачки мрежи. Во својата анализа рускиот истражувачки сајт Инсајдер пишува дека активистите Крум Велков и Ангел Наков се промотори на руското влијание во Македонија и работат против западните инвестиции во рударството, со цел зголемување на руското влијание во Западен Балкан, објавува Нетпрес.

„Интересно е што почнаа да им се одземаат лиценците на конкурентите на Солвеј под притисок на локалните еколошки активисти. Еден од најактивните на ова поле беше Крум Велков, кој е отворен промотор на руските интереси во Македонија. Велков и неговиот соработник Ангел Наков водат кампања против западните рударски компании како канадската Reservoir Minerals или украинско-британската Sardich. Тој ги поддржува и локалните невладини организации што го напаѓаат проектот за рудник за бакар Иловица. Сите овие проекти моментално се во мирување. Крум Велков е автор на антизападни написи на заговор на веб-страниците на „Геополитика“ и на веб-страницата на „аналитичкиот центар“ Катехон, кој е раководен од Константин Малофеев, Сергеј Глазиев и генерал Решетников“, пишува Инсајдер.

Во однос на руското влијание, во анализата се споменува токму улогата на компанијата Солвеј, која е сопственик на рудникот Бучим во Радовиш, а претходно и на рудникот Саса. Во 2019 година од Солвеј испратиле дури и понуда да се вклучат во проектот на Еуромакс рисорсис“. Понудата била одбиена, а канадската компанија до ден денес, се соочува со предизвици и протести на еколошките здруженија, предводени од Велков и Наков.

Од Солвеј велат дека немаат руска поврзаност, туку дека се основани во Швајцарија, но компанијата сепак беше директното спомената од екс амбасадорот во Македонија Олег Шчербак, како руска инвестиција.

„Друг активен играч на овој пазар е швајцарско-руската рударска компанија Solway Group на Александар Бронштајн. Ова е голем индустриски холдинг, а неговите активности вклучуваат производство на злато и финансиско инвестирање. Компанијата вработува повеќе од 10.000 луѓе во нејзините капацитети ширум светот. Милионерот Александар Бронштајн, откако собра капитал од рускиот алуминиум, почна да инвестира во бизнисот со феролегури ширум светот. Неговиот главен интерес се средствата во земји „со тешки економски и политички ситуации“ – во Украина, Македонија, Индонезија, Гватемала“, се вели во анализата….

Инаку, руски Инсајдер не е единствениот медиум кој ги поврзува дејствијата на активистите со обидот за руско влијание во економијата на земјава, особено преку рударството. Во текст на истражувачката мрежа Белингкет се наведува дека Велков не пишува само за геополитика и се насетува дека ги промовира руските економски интереси. Во сторијата се нагласува дека Велков и неговиот следбеник Ангел Наков водат кампањи против западни комерцијални проекти.

„Тој е и голем поддржувач на едно од здруженијата кое води кампања против концесиите за „Иловица – Штука“, кое го носи името „Здрава котлина“… Има и очигледни примери на пропаганда и јасни лаги. Како што е апокалиптичното тврдење дека проектот ќе ги уништи почвата, водата и воздухот, без оглед на еколошките стандарди што се обврзувачки за овој проект“, пишува во текстот објавен на Белингкет.

Дека Русија и понатаму го користи своето влијание на Западен Балкан со цел да ја спречи интеграцијата на земјите во меѓународните институции и организации констатираа и високи американски претставници, по објавувањето на новите имиња од регионот што се најдоа на т.н. црна листа на САД.