Да се избориме да бидеме генрација која што ќе го елиминира ХПВ-вирусот, ако не успееме целосно да го отстраниме, барем максимално да ја редуцираме појавата на претканцерозни состојби и карциноми. Имаме бесплатни вакцини и за девојчињата и за момчињата, зошто да не превенираме, апелираат од Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари (МАГО).

По повод 17 Ноември, Светскиот ден за елиминација на ракот на грлото на матката, МАГО организираше прес-конфренција на која се говореше за вакцинацијата против ХПВ и редовниот скрининг кои можат да го спречат ракот на грлото на матката, но и за заштитата и на мажите од разни типови на карциноми.

Вакцинацијата против ХПВ-вирус во Македонија е влезена во задолжителниот календар за имунизација кај девојчињата од 12 годишна возраст, а од мај 2024 година деветовалнтната вакцина против ХПВ-вирусот може да ја примат и момчињата. Бесплатна е за сите до 19 години. За деца од 12 до 15 години се аплицираат две дози, а над 15 години три дози. Ако некој сака приватно да се вакцинира, над 19 годишна возраст една доза вакцина чини 8.000 денари.

Спец. д-р Емилија Трајковска член на Управниот одбор на МАГО и матичен гинеколог вели дека има жни кои доаѓаат на редовен преглед, но има и жени кои не дошле со години, и тие се повикуваат со писмо или со телефонска покана.

А има и жени коишто ќе слушнат дека некој во нивна близина оболел и од страв веднаш доаѓаат на преглед. Значи, многу се важни овие кампањи, да ја подигнеме свеста и за вакцинирање. На пример, во Источна Македонија е многу повисок степенот на вакцинираност против ХПВ. Таму има помал број на доктори, еден град, еден доктор, докторот е заинтересиран да ги информира жените и жените ги вакцинираат своите деца. Не знам зошто Скопје и Охрид одат и Битола со таков процент? Многу ми е жал зошто да ги пропуштаме вакцините што се бесплатни, зошто да не превенираме кога имаме пациентки во многу млада возраст со инвазивни карциноми, и тоа најчесто ХПВ 16, кој што го имаше и во број 4 и во деветвалентна вакцина, изјави д-р Трајковска на денешната прес-конференција.

Д-р Трајковска вели дека често пати разговара со пациентките, тие да ги вакцинираат децата се додека е бесплатна вакцината.

Зошто да не? Зошто да не ја фатат додека е бесплатна и додека е најдобро кога е во таа возраст пред првиот сексуален контакт или на почетокот на тие сексуални контакти да се децата вакцинирани, да имаме имунолошки одговор, вели д-р Трајковска.

Проф. д-р Глигор Тофоски, претседател на МАГО говореше за стратегијата 90-70-90 и што тоа значи.

Значи дека 90% од популацијата, значи момчињата и девојчињата, треба да бидат вакцинирани против ХПВ вирусот, 70% од пациентките треба да добијат навремен скрининг за цервикалниот карцином и 90% од пациентките минимум зборуваме да добијат адекватен третман во пораните фази на болеста. Доколку овие три критериуми се исполнат, во текот неколку години, бројот на новорегистрирани случаи би биле под 4 на 100 000, што на некој начин би претставувало постепено исчезнување на оваа болест. Ја користам оваа прилика уште еднаш исто така да спомнам, независно што сме ние гинеколози, ние имаме грижа за целото семејство дека ХПВ инфекцијата, овој месец ноември, така наречен мовембр, грижа за женското и за машкото здравје, за машкото здравје коешто всушност ХПВ инфекцијата е сериозен причинител на голем број од орофарингеалните, односно карциномите во усната празнина, на пенилните, аналните карциноми и на присуството на сексуалните брадавички, коишто се исто така не се карцином, меѓутоа сериозна сериозен предизвик во тек на репродуктивниот живот и кај мажот и кај жената. Затоа и мажите, заради своето здравје, меѓутоа и заради здравјето на своите жени исто така треба да бидат вакцинирани и за среќа нашата држава од пред две години во 2024 воведе вакцинација која што ги опфаќа и момчињата и девојчињата со најдобрата можна вакцина, тоа е деветтовалентна вакцина која што штити од два нискоризични кои што предизвикуваат сексуални брадавици и од седум високоризични типови кои што предизвикуваат карциноми и кај мажот и кај жената, кажа проф. Тофоски.

Според податоците од 2023 година кои ги сподели проф. Тофоски, годишно има околу 120 пациентки со цервикален инвазивен карцином и од нив половина, најмалку 60 завршуваат со фатален исход. Тоа е сериозна траума не само за жената туку и за семејството, вели д-р Тофоски, додавајќи дека дел од нив се млади. Во последната анализарана студија има две пациентки на 18-годишна возраст.

Долго време имаме вакцинација, но сакаме да биде како во сите други земји во Европа, да достигне до 90 отсто, да имаме национална кампања за ХПВ-вакцината, да се интензивира вакццинацијата во училиштата и се зголеми ангажаманост на оние кои се задолжени да ја обавуваат, да ги едуцираме родителите, да се зголеми возраста на бесплатна вакцинација до 26 година – вели проф-Тофоски.

Специјалист д-р Соња Ралева кажа дека се почесто доаѓаат девојки и бараат да се вакцинираат, стануваат свесни дека вакцинацијата може да ги заштити од сериозна болест понатаму во животот.

Опфатот со вакцина против ХПВ во Македонија во последните извештаи изнесува околу 51,5% до 52,5% за две дози (податоци за 2025/2026 година), што е мал пораст во однос на претходните години, но сепак останува многу под препорачаниот светски праг од 95%.