Маја Санду ја освои поддршката на молдавските граѓани
Актуелната претседателка на Молдавија, Маја Санду, освои втор мандат на претседателската функција по успешно завршениот втор круг на изборите, објави „Евроњуз“. Според Централната изборна комисија, со 100% од преброените гласови, Санду освоила 55.33%, додека нејзиниот противник, поранешниот јавен обвинител Александар Стојаногло, добил 44.67% од поддршката.
Тензии во изборниот процес и обвинувања за мешање
Советникот за национална безбедност на претседателот изјави дека е забележано „масовно мешање“ од страна на Русија, што наводно имало за цел да го промени изборниот исход. Русија, меѓутоа, негираше дека имала какво било влијание врз молдавските избори. Санду се соочи со ривалот Александар Стојаногло, поддржан од проруската Социјалистичка партија, кој се залагаше за поблиски односи со Москва. И покрај значајната поддршка на Стојаногло, особено во внатрешноста на Молдавија, Санду ја освои дијаспората и главниот град Кишињев, што беше клучно за нејзината победа.
Висока излезност и поддршка од дијаспората
Молдавската дијаспора, која масовно излезе на овие избори, се изјасни речиси едногласно за Санду, со 271.569 гласови во нејзина корист. Во првиот круг на 20 октомври, Санду освои 42% од гласовите, што го отвори патот за конечната победа во вториот круг. Претседателската функција во Молдавија, со четиригодишен мандат, носи значителни овластувања во надворешната политика и националната безбедност, каде што Санду има јасна прозападна ориентација.