Емотивно сведоштво на мајката Габриела – предивика бројни реакции
Тензична атмосфера и гласни расправии ја одбележаа завршницата на денешното рочиште во судницата во Идризово, по сведочењето на Габриела Наунова, мајка на Надица Наунова, која загина во пожарот во дискотеката „Пулс“ на 16 март 2025 година. По кратко конфронтирање меѓу обвинетите и родителите на жртвите, интервенираше судското обезбедување, а дел од родителите ја напуштија судницата викајќи.
Судијката Дијана Груевска Илиевска ги предупреди присутните дека, доколку продолжи ваквото однесување, судењето ќе се одвива без нивно присуство.
Сведочење исполнето со емоции и драматични моменти
Во своето сведочење, Габриела Наунова детално ги опиша последните часови пред трагедијата, моментите кога дознала за пожарот, како и сцените што ги затекнала пред и во близина на дискотеката. Таа сведочеше за хаосот, паниката и очајот додека ја барала својата ќерка, како и за обидите да помогне на повредените деца. Вели дека кршела ѕид за да влезе воздух на децата, пренесува Плусинфо.
Пред судот изнесе и исказ за настаните во кочанската болница, каде што Надица била пренесена по пожарот, опишувајќи ја болката и шокот кога сфатила дека нејзиното дете починало. Сведочењето беше проследено со солзи, како кај мајката, така и кај другите родители во судницата.
Расправа со обвинетите и интервенција на судот
По изјавите на сведокот, следуваа прашања од обвинителството и одбраната, при што се отворија теми за присуството на обезбедување, полиција и инспектори во дискотеката пред трагедијата. Дел од обвинетите реагираа на исказите, што предизвика силни реакции од родителите, меѓусебни навреди и закани во судницата.
Судот реагираше со отстранување на еден од присутните родители и дополнително предупредување дека редот мора да се почитува. На рочиштето беше посочено и дека на следната расправа, закажана за 14 јануари 2026 година, се очекува да сведочат уште пет лица.
