Еден брачен пар доживеа целосен шок откако маќеата на младоженецот направи огромен финансиски долг за време на нивната прослава. Тој отворено тврди дека за семејната драма е виновна токму неговата маќеа, со која негувал близок однос цели 22 години, по што донел тешка одлука засекогаш да го прекине секаквиот контакт со неа.
Мажот се преселил од Соединетите Американски Држави во Азија поради својата избраничка, каде заеднички организирале масовна свадбена прослава со дури 1.137 гости. Меѓу дваесетте гости кои допатувале специјално од Америка била и неговата маќеа. Тој во јавната исповед истакнал дека таа работи како доктор во САД и заработува повеќе од 258.000 евра годишно, поради што воопшто не се сомневал дека би настанал каков било проблем со подмирувањето на нејзините лични трошоци.
Непријатните проблеми се појавиле три дена по свеченоста, кога сопружниците откриле дека маќеата воопшто не ги подмирила сметките за низата луксузни услуги што ги користела за време на престојот. Неплатени останале сметките за хотелското сместување, нарачаната собна услуга, приватните шминкери, специјално кроените фустани и изнајмувањето на ексклузивни автомобили. Како дополнување, таа на сопствена рака ангажирала професионални танчери за време на свадбената вечера.
„Таа сакаше професионални танчери да настапат за време на вечерата затоа што сакаше сè да биде „спектакуларно“. Ги ангажираше самата, го договори датумот и го избра пакетот. Беа неверојатни. Но, како што можете да претпоставите, таа не им плати. Покрај тоа, им рече дека ние ќе ја платиме сметката.“
Тој појасни дека жената патувала во прва класа и постојано се фалела со својот деловен успех пред останатите присутни. Затоа бил уште повеќе шокиран кога сфатил дека сите сметки паднале на негов и на грбот на сопругата. Откако дознал за долговите, со денови безуспешно се обидувал да воспостави контакт со неа. Кога конечно пристигнал одговор, пораката само дополнително ја вжештила ситуацијата.
„Прелетав половина свет за да бидам на твојата свадба, а ти така се однесуваш со мене? Твојата нова сопруга доаѓа од богато семејство, во што е проблемот? Нека платат тие.“
Оваа ситуација наиде на огромно внимание и реакции на платформата Reddit, каде многумина корисници прашуваа зошто тие би ги плаќале нејзините долгови. Мажот дополни дека сите нарачки оделе преку ангажираната свадбена агенција преку која се уплаќале аванси, со уверување дека маќеата ќе го исплати остатокот. За сместувањето било обезбедено покривање на пет ноќевања, но таа побарала луксузен апартман ветувајќи дека ќе ја доплати разликата. На денот на заминување, таа едноставно си заминала од хотелот без одјавување и без да плати ништо, оставајќи износ од речиси 5.700 евра.
Подоцна младоженецот соопшти дека маќеата целосно прекинала комуникација, ги блокирала агентите и избришала пораки. За да избегнат судски проблеми со агенцијата, парот го платил долгот од околу 5.500 евра, со помош на семејството на невестата кое покрило половина од парите. Поради овој скандал, синот донел одлука целосно да го прекине контактот и со својот татко, кој боледува од Паркинсонова болест и не можел да патува на свадбата.
„Одлучивме целосно да го прекинеме контактот со неа и мојот татко. Не знам зошто го направи сето тоа и ја уништи нашата неверојатна врска. Имам над 40 години и таа е една од луѓето што ги познавам најдолго, 22 години. Никогаш порано не направила нешто вакво. Целосно сум скршен и плачам за сè, но ми е јасно дека ова е единствениот начин јас и мојата сопруга да продолжиме понатаму.“
Адвокатот го известил дека полицијата нема интерес да покренува постапка за таква релативно мала сума, оставајќи го семејството со длабока емотивна рана поради загубената долгогодишна доверба.
