Денот на македонската револуционерна борба, 23 Октомври, не претставува само одбележување на основањето на револуционерната организација во Солун во 1893 година. Тој датум е историски повод за потсетување на заложбите на основачите што во комплексни геополитички времиња ги поставија темелите за слободна македонска држава.

Меѓу нив истакнато место зазема д-р Христо Татарчев, првиот претседател на Централниот комитет на Организацијата. Во овој контекст се издвојува неговиот политички и духовен завет напишан во Торино во декември 1930 година, публикуван во весникот „Македонија“ во Софија на 17 декември истата година.

Документот настанува седумнаесет години по поделбата на Македонија по завршувањето на Балканските војни од 1912 и 1913 година, кога Вардарскиот дел се наоѓа под српска власт, Егејскиот под грчка, а Пиринскиот под бугарска управа. Во услови на силни притисоци врз македонскиот јазик и национална посебност, Татарчев испраќа историска порака изградена врз сопственото револуционерно искуство од Илинденското востание и повоените трауми.

Историски контекст на македонската борба

„Македонија била и останува култ на македонскиот народ, на неговата религија, род, јазик и моштите на неговите предци и предци. Индивидуалноста на македонскиот народ, која е резултат на истакнати сили кои дејствувале низ вековите, е зачувана до ден-денес и ќе биде зачувана и во иднина. Бидејќи во него живее тој невидлив и неранлив дух кој ја води неговата судбина. Токму овој дух, заедно со духот на безбројните херои кои паднале за слободата на Македонија, кој лебди над нашата прекрасна земја, го одржува во Македонецот светиот оган на слободата, ги одржува во Македонецот безусловната љубов кон татковината, со цел да ѝ служи несебично, групирани околу нејзината историска, веќе револуционерна организација, предодредена од промислата со мисијата за постигнување на слободата и независноста на Македонија. На овој начин, не само што ќе се создаде правда и фер игра за достојниот македонски народ, туку ќе се воспостави и мир на Балканот. Денес, љубовта на Македонецот кон татковината не е само чувство, туку императивна должност која почива на неговата мисла и волја и ги стимулира неговите дела. Оваа патриотска должност бара цврста организација, ред и дисциплина. Македонија ќе биде одземена од нејзините сегашни тирански владетели преку тврдоглавата борба на целиот македонски народ. Во единството на силите на сите Македонци е нашата сила и нашата победа“, напиша Татарчев во својот завет.

Концептот за Македонија како култ ја издигнува татковината во сфера на национална светост и трајно сеќавање. Татарчев посебно ја подвлекува со векови градената народна индивидуалност, зачувана преку духот што опстојува над сите институционални и окупациски препреки, при што патриотизмот го дефинира преку задолжителна дисциплина и безусловно внатрешно единство.

Истиот континуитет на борбата подоцна се манифестира во Народноослободителната војна под раководство на генерал Михајло Апостолски, командант на Главниот штаб на партизанските одреди. Тој нагласуваше дека воениот отпор против фашизмот имаше примарна цел создавање институционална македонска државност преку Првото заседание на АСНОМ.

„Во историската победа во Народноослободителната војна се реализира вековниот сон на македонскиот народ за национална и социјална слобода, создавањето слободна Република Македонија“, изјави Апостолски на републичката прослава во Охрид во 1983 година.

Државотворната линија доби своја институционална форма и преку претседателот на Президиумот на АСНОМ, Методија Андонов-Ченто, кој се бореше за автентично право на народот самиот да ја определува сопствената политичка судбина, што подоцна резултираше со негов затворски прогон.

„Се исполни вековната желба на македонскиот народ. Таа слобода и рамноправност ние ќе ја пазиме како зеница во окото“, гласи историскиот исказ на Ченто.

Историчарите посочуваат дека македонската борба за независност се развиваше низ три клучни илинденски фази: Илинденското востание од 1903 година, антифашистичката победа на АСНОМ во 1944 година и Референдумот за независност на 8 септември 1991 година, кои претставуваат неделива целина на националниот континуитет.