На денешен ден пред 19 години во несреќа на владиниот авион што се случи кај Ротимље во Босна и Херцеговина загина претседателот на Македонија Борис Трајковски. Во авионот со кој патуваше на регионална конференција во Мостар, а кој се урна пред слетување, патуваа и портпаролката на претседателот Димка Илкова Бошковиќ, советниците Ристо Блажевски и Анита Лозановска, претставникот на МНР Миле Крстевски, телохранителите Аце Божиновски и Борис Велиновски, како и пилотите Марко Марковски и Бранко Ивановски. Сите загинаа.

Долго време траеше истрагата за причините за уривањето на авионот, целата истрага ја следеа бројни нејаснотии, во јавноста се ширеа различни верзии, а беа вклучени експерти од Македонија и Босна и Херцеговина. Имаше и повторена, втора истрага, која ќе утврди дека се работело за авионска несреќа и грешка при спуштањето на владиното летало, а на што можеби влијание имале и временските услови.

Борис Трајковски е роден во Струмица во 1956 година. Дипломирал на Правниот факултет во Скопје, на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во 1980 година. Специјализирал деловно право и право на работни односи.

За претседател на Република Македонија беше инаугуриран на 15 декември 1999 година, наследувајќи го Киро Глигоров. Како претседател беше посветен на демократски идеали и на евроатланската ориентација на Република Македонија, а значаен е неговиот придонес во надминување на воената криза од 2001 година.

„Ние мора да создадеме општество засновано од индивидуалци, не од колективни групи и граѓани, не од етнички групи. Моја визија е да создадеме општество засновано на демократија, владеење на правото и слободна пазарна економија и конечно да создадеме општество засновано на доверба. Ние го правиме тоа, но не е доволно само да се зборува за демократија, а истовремено да се дозволува цутање на криминалот и корупцијата”, говореше Борис Трајковски.

Денеска, шефот на државата Стево Пендаровски, министри и други државни функционери ќе присуствуваат на одбележувањето на 19-годишнината од трагичната смрт на претседателот Борис Трајковски во Скопје, Струмица и во Ротимље, Босна и Херцеговина

Во Струмица во 10 часот на споменикот на претседателот на Република Македонија, Борис Трајковски, ќе присуствуваат и ќе положат цвеќе делегација од Владата предводена од Јованка Тренчевска, министерка за труд и социјална политика, заедно со Борче Хаџиев – директор на Бирото за јавни набавки.

На скопските гробишта „Бутел” во 11.30 часот, на гробот на претседателот Борис Трајковски, цвеќе ќе положат сопругата Вилма Трајковска, претседателот на Македонија Стево Пендаровски и членови на неговиот кабинет, делегација на Собранието на Македонија, предводена од потпретседателот Горан Мисовски, делегација на Владата составена од вицепремиерката Славица Грковска, министерот Ристо Пенов и заменик министерот Беким Реџепи, делегација на АРМ предводена од генерал мајор Азим Нуредини, заменик началник на Генералштабот, како и делегација на Сојуз на борци од НОАВМ предводена од Наум Бурески, потпретседател на Главен одбор на СБМ.

Во Ротимље, близу Мостар, Босна и Херцеговина на спомен обележјето каде што се случи авионската несреќа, во 13 часот ќе присуствуваат и ќе положат свежо цвеќе владина делегација во состав Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи, Митко Бојмацалиев, шеф на неговиот кабинет, како и претставниците од кабинетот на претседателот на Македонија, Катерина Цаневска Арсовска советник на претседателот и полковник Билјана Блажевска, аѓутант на претседателот.