Македонија доби бројни пораки на сочувство од светот по трагедијата во Диско клубот Пулс во Кочани, каде загинаа 51 лице, а над 100 се повредени. Соседните земји – Србија, Грција, Бугарија и Албанија – понудија медицински капацитети, спасувачки тимови и друга помош за справување со последиците. Српскиот претседател Александар Вучиќ изрази подготвеност за испраќање хеликоптери и медицински тимови, додека Албанија, преку премиерот Еди Рама, исто така вети поддршка.
Соседите со сочувство и понуда за помош
Македонија прими пораки на сочувство од многу земји, а соседите веднаш понудија конкретна помош.
„Соседните држави – Србија, Грција, Бугарија и Албанија – изразија подготвеност да ги стават на располагање своите медицински капацитети, спасувачки тимови и други видови поддршка за да помогнат во надминувањето на последиците од трагедијата во Кочани“, соопштија од Владата.
Александар Вучиќ: Хеликоптери и ден на жалост
Александар Вучиќ преку објава на Инстаграм изрази сочувство до претседателката Гордана Силјановска-Давкова.
„Изразувам сочувство до претседателката Гордана Силјановска-Давкова за трагичниот пожар во Кочани. Во име на Србија, понудив, а таа прифати, да испратиме хеликоптери и други медицински транспортни средства, медицински тимови и да примиме голем број од повредените во болниците во Србија“, напиша Вучиќ.
Тој најави и симболичен гест.
„Србија ќе го прогласи 18 март за Ден на жалост поради трагедијата, и сум уверен дека народот на братска Северна Македонија, со својата сила и солидарност, ќе ја надмине оваа голема несреќа и ќе најде начин да закрепне“, додаде тој.
Вицепремиерот Иван Стоилковиќ дополни:
„Србија ќе испрати воени хеликоптери за да ги транспортира повредените на лекување во Воено-медицинската академија (ВМА) во Белград“, изјави тој.
Поддршка од Албанија
Албанскиот премиер Еди Рама исто така упати сочувство.
„Изразувам длабоко сочувство до народот на Северна Македонија за трагедијата во Кочани и нудам подготвеност за секаква неопходна помош“, рече Рама.