Од викендот следува нов топлотен бран со екстремни температури над 40 степени, а Министерството за здравство издаде препораки за граѓаните

Македонија е пред нов топлотен бран што ќе започне од викендот, а се очекуваат температури кои ќе надминат 40 степени целзиусови. Управата за хидрометеоролошки работи најавува сончево и многу топло време во наредните денови, со мала до умерена облачност и ветер од северозападен правец.

„Времето утре ќе биде сончево и топло, со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе се движи од 10 до 19, а максималната ќе достигне од 29 до 37 степени. Во Скопје времето ќе биде слично, со максимална температура до 37 степени“, соопштија од УХМР.

Нов топлотен бран се очекува да го зафати целиот регион, а за Македонија прогнозите укажуваат на екстремно високи температури до среда.

Министерството за здравство апелира на зголемена претпазливост и ги повикува граѓаните да се придржуваат до препораките.

„Избегнувајте директна изложеност на сонце во периодот од 11 до 17 часот. Носете светла, лесна облека и внесувајте доволно течности. Избегнувајте алкохол и физички напор во најтоплите часови од денот“, се наведува во соопштението од Министерството.

Ситуацијата, како што нагласуваат здравствените власти, постојано се следи и ќе се преземаат соодветни мерки според развојот на временските услови.

Ова е втор нов топлотен бран во јули, по претходниот кој заврши пред десетина дена. Очекувањата се дека високите температури ќе потраат до најмалку средината на следната недела.