55-годишната Македонка Милена Витанова е пронајдена мртва во својот дом со повеќе убодни рани во италијанскиот град Пјаченца.
Според италијанските медиуми, нејзиниот сопруг Хако Витанов во петокот околу 15.30 часот телефонски ѝ признал на полицијата дека ја убил, по што избегал од местото на злосторството.
На местото брзо пристигнале карабинери, пожарникари и екипи на Итната медицинска помош. Станот бил заклучен, поради што пожарникарите морале да влезат преку балкон, каде што ја затекнале жената без знаци на живот.
Првичните полициски сознанија укажуваат дека жртвата имала повеќе убодни рани, како и тешки повреди на главата. Во близина на телото бил пронајден нож, за кој истражителите веруваат дека е користен во нападот.
Осомничениот убиец бил пронајден неколку часа подоцна на гробот на нивниот син Методиј, кој починал пред неколку години. Полицијата веднаш го привела.

Истрагата продолжува за да се утврдат мотивите и околностите на убиството.
Во моментот на трагедијата, децата на семејството не биле во станот и според информациите се наоѓаат на безбедна локација.
Случајот предизвика шок во Пјаченца и меѓу македонската заедница во Италија, каде што овој настан се доживува како уште еден брутален пример на семејно насилство со фатален исход.
