Генералниот секретар на Советот на Европа, Ален Берсе, испрати јасна порака дека одлуките на Европскиот суд за човекови права се обврзувачки и мора целосно да се спроведат, нагласувајќи дека тоа важи и за пресудите поврзани со правата на македонското малцинство во Бугарија.

Во интервју за МИА, Берсе потенцира дека членството во Советот на Европа не е само формално, туку подразбира обврска за почитување на Европската конвенција за човекови права и имплементација на сите пресуди на Судот. Оваа обврска, како што вели, важи подеднакво за сите 46 земји-членки, вклучително и Македонија и Бугарија.

Осврнувајќи се на случаите поврзани со македонското малцинство, за кои ЕСЧП во изминатите две децении донесе повеќе пресуди за прекршување на правото на здружување, Берсе нагласува дека суштината на тие одлуки е јасна – мора да биде овозможена регистрација на организации. „Одлуките на судот се јасни и тие мора да бидат спроведени. Во конкретните случаи тоа значи дека треба да биде возможно одредена организација да се регистрира“, изјави тој.

Берсе појаснува дека процесот веќе е во фаза на спроведување и дека Комитетот на министри на Советот на Европа редовно го следи напредокот. Според него, во последните месеци е забележано одредено придвижување во разговорите со Бугарија, а прашањето повторно ќе се најде на агендата на следниот состанок на Комитетот.

И покрај тоа што во пракса постојат одредени доцнења и сложени прашања, генералниот секретар е дециден дека неспроведување на пресудите не е опција. „Не е можно да прифатиме дека тие нема да бидат спроведени“, истакнува Берсе, додавајќи дека Советот на Европа активно соработува со земјите за да обезбеди целосна имплементација.

Тој оценува дека станува збор за процес кој бара време, но нагласува дека крајната цел е јасна – создавање услови во кои пресудите ќе бидат ефективно спроведени, што во случајот со Бугарија значи и реална можност за регистрација на организации на македонското малцинство.