Македонскиот народ ќе опстои и покрај сите обиди за негово негирање, а еден ден ќе се врати сè што му е одземено, вклучително и името и териториите. Ова го порача митрополитот повардарски Агатангел за време на своето гостување во емисијата „За македонските работи“ на телевизија Алфа.

Говорејќи опширно за зачувувањето на македонскиот идентитет, историското наследство и клучната улога на Црквата, владиката Агатангел се осврна и на светите браќа Кирил и Методиј, посочувајќи дека тие потекнуваат како Македонци од Солунско и дека нивната епохална мисија имала фундаментално значење за сите словенски народи. Тој изрази непоколебливо уверување дека македонскиот народ ќе продолжи да постои наспроти сите обиди за негово бришење и уништување низ историјата.

„И тие ќе зборуваат, ќе зборуваат, ние ќе работиме и ќе опстоиме. Не можат да нè уништат. И атомска бомба да фрлат, пак нема да нè уништат. Маж и жена да останат, пак ќе продолжи македонскиот народ, македонската нација. Продолжуваме, не можат сè да уништат“, рече Агатангел.

Митрополитот повардарски нагласи дека длабоко верува во Божјата милост, помош и заштитата на Пресвета Богородица, која ја посочи како вечна заштитничка на македонскиот народ и на целата македонска земја. Во своето обраќање Агатангел изрази цврста увереност дека во иднина правдата ќе победи и ќе се врати сè што низ вековите ѝ било одземено на земјата. Во тој контекст, тој директно спомена и географска карта од 1832 година, оценувајќи дека таа во иднина повторно ќе ги одразува вистинските граници на Македонија.

„Јас сум сигурен дека ќе опстоиме и сигурен сум, можеби јас нема да доживеам, дека еден ден сè што ни е одземено ќе се врати. И името и делови што се одземени. Сè што е наше, мислам во географска положба, сè што е наше ќе си го земеме“, изјави митрополитот.

Осврнувајќи се на честите критики и бурните реакции во јавноста поврзани со неговите ставови, Агатангел истакна дека воопшто не се оптоварува со туѓите мислења и дека за него врвен животен патоказ остануваат верата, Македонската православна црква, сопствениот народ и родната земја.

„Јас се хранам, првин Христос ми е храната, потоа Мајката Божја, Богородица, мојата МПЦ, каде сум никнат, израснат сум во неа, соживеан со неа, мојот македонски народ и мојата света македонска земја. Тоа е за мене најсвето. Друго ништо не ми е свето“, истакна Агатангел.

Тој детаљно ја анализираше и историската улога што ја имаше Македонската православна црква – Охридска архиепископија во текот на создавањето на современата државност. Според владиката, народот е оној што ја изградил Црквата, а високата свест за нејзината незаменлива општествена улога била присутна дури и во периодот на комунизмот, кога со силни напори се работело на обновување на Охридската архиепископија во ликот на МПЦ.

„Ако го имаме народот, сè ќе имаме. Овој народ ја создаде Црквата. Колку биле мудри нашите старци. И во комунизмот, иако беше комунизам, свесни беа дека без Црква не може држава да направат. И затоа вложија напори за да се обнови Охридската архиепископија во лицето на МПЦ“, рече Агатангел.

Притоа, митрополитот потсети дека Македонската православна црква добила автономија во 1959 година, додека својата автокефалност ја прогласи во 1967 година, нагласувајќи дека во тие историски мигови сè уште не била ниту основана Македонската академија на науките и уметностите.

„Од 1959 година ние сме автономни, од 1967 година сме автокефални, а немавме Македонска академија на науките и уметностите. Имавме Црква“, рече митрополитот повардарски Агатангел.

Во своето понатамошно излагање, тој ја илустрираше жилавоста на народот со познатата метафора за троскотот и пирејот на македонскиот писател Петре М. Андреевски, укажувајќи на нескршливиот корен што повторно никнува по сите неволји.

„Не случајно нашиот Достоевски, Петре Андреевски, напиша: „Како троскотот сме“. Знаеш, ти го чистиш пиреот, ти го чистиш, тој пак ќе израсне. Така и кај нас е. Нè чистат, нè чистат, не може да нè очистат“, рече Агатангел.

На крајот, владиката потенцираше дека македонскиот народ има длабока и специфична мисија во христијанската цивилизација уште од библиските времиња и мисионерските патувања на светиот апостол Павле. Според неговите толкувања, светиот апостол Лука бил со македонско потекло и добро го владеел македонскиот јазик, поради што имал незаменлива улога во придружбата на Павле за време на ширењето на светото евангелие.

„Нема ништо случајност“, порача митрополитот повардарски Агатангел.