„Гренландскиот момент“ повик за економски реформи и глобална моќ
Европа мора да биде подготвена за идни конфликти со САД, истакна францускиот претседател Емануел Макрон. Тој го нарече неодамнешниот „гренландски момент“ како сигнал дека Унијата мора да ги спроведе долго одложуваните економски реформи и да ја зајакне својата глобална моќ.
Во интервју објавено во неколку европски весници, Макрон нагласи дека привременото смирување на тензиите со Вашингтон не смее да се смета за трајна промена, и покрај привидниот крај на споровите околу Гренланд, трговијата и технологијата.
„Кога постои јасен чин на агресија, мислам дека она што треба да го направиме не е да попуштиме или да се обидеме да постигнеме спогодба. Мислам дека таа стратегија ја испробувавме со месеци. Не функционира,“ изјави Макрон за весниците Монд и Фајненшл Тајмс.
Отворено антиевропска администрација и нови можни санкции
Макрон оцени дека администрацијата на Трамп е „отворено антиевропска“ и оти се стреми кон „распаѓање“ на ЕУ.
„САД во наредните месеци, тоа е сигурно, ќе нè нападнат поради дигиталната регулатива,“ додаде тој, предупредувајќи на можни американски увозни царини доколку ЕУ го искористи својот Закон за дигитални услуги за контрола на технолошките компании.
Францускиот претседател повторно повика на ново заедничко задолжување, како што се еврообврзниците, истакнувајќи дека тоа ќе ѝ овозможи на ЕУ да инвестира големи средства и да ја оспори хегемонијата на американскиот долар.
Поддршка за ФЦАС и идни заеднички планови
Макрон истакна дека француско-германско-шпанската програма за воени авиони (ФЦАС) не е мртва и дека наскоро ќе разговара со германскиот канцелар Фридрих Мерц за идните чекори.
На новинарско прашање дали проектот ФЦАС е мртов, Макрон одговори:
„Не. Француската процена е дека ФЦАС е многу добар проект и не сум слушнал ниту еден германски глас кој би ми рекол дека тоа не е добар проект.“
Лидерите на ЕУ ќе се состанат в четврток во Брисел на самит за економски мерки и зголемување на конкурентноста на Унијата во однос на САД и Кина.
