Силниот земјотрес што доцна синоќа го погоди Лерин не предизвика големи штети во градот, освен помали оштетувања на згради и куќи, информираат грчките медиуми.
Според официјалното соопштение од Геодинамичкиот институт на Националната опсерваторија во Атина, земјотресот бил со епицентар на 3 километри западно од Лерин и 135 километри западно од Солун.
Длабочината на земјотресот е измерена на 14,3 километри. На истото подрачје следеле и неколку земјотреси со помала јачина. Нема информации за повредени или сериозни материјални штети, освен одредени штети на домови каде што паднале предмети поради земјотресот.
Земјотресот бил почувствуван во периферните области на Лерин, како што се Кожани, Птолемаида, Касторија, Пела, дури и во Солун, Катерини, Верија, Џаница, но и во Трикала, Лариса и Крф.
Сеизмологот Герасимос Пападопулос во изјава за грчките медиуми вели дека во 1911 година, западно од епицентарот на вчерашниот земјотрес, бил регистриран земјотрес од 6,7 степени според Рихтер.