По повеќегодишна пауза, манифестацијата „Глумците Пеат„ се враќа на сцената и на глумците.
Враќањето на овој исклучително популарен проект е во чест на неодамна починатиот актер Марин Бабиќ кому ова му беше животен проект.
Зад враќањето на шоуто на сцената стојат неговите ќерки.
-Со многу возбуда, емоции и ентузијазам, онака како што пред 31 година татко ми ја започна приказната наречена Глумците ПЕАТ, најавуваме враќање на ова шоу, што го празнува театарот и глумците. Во спомен на Марин Гермов Бабиќ, но и како желба на многумина кои ги паметат Глумците Пеат, со сестра ми Маја одлучивме да ги вратиме и да им дадеме повторно живот, објави Ира.
-Никогаш не ми било потешко да напишам статус и да ги одделам емоциите од работата. Ни остави аманет и знаевме дека мора да го исполниме. Затоа што ТОЈ толку многу ги сакаше и копнееше да ги врати. И затоа, во чест на Марин ја враќаме на глумците, на театарот, на публиката. Оваа година ќе биде на 20 април, во Националната опера и балет, но од догодина ќе ги вратиме на денот на кој припаѓа – 26 март, во чест на 27 март, светскиот ден на театарот. Деновиве со Ира, пребарувајќи по старите архиви, сфативме дека за жал нема многу останато од претходните изданија. Неколку снимки, неколку фотографии и многу убави сеќавања. Време за нови спомени, за нови убави моменти, пишува неговата ќерка Маја.
Режијата е на Дејан Пројковски, а се најавува многу добра музика и многу забава, онака како што само глумците знаат да направат.