Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, од Брисел за „Канал 5“, рече дека ја македонскиот преговарачки тим ја искористи можноста за прв пат да побара „забрзана интеграција“, односно структура каде може да се приклучи Северна Македонија и пред да стане членка на Европската Унија, а тоа е Европската миграциска мрежа.
-Со учеството во таа мрежа ќе имаме пристап до точни, до најнови, до ажурирани информации за движењата на границите, што е од високо значење и за безбедноста на нашите граѓани, но и за безбедноста на нашите граници. Мислам дека тоа е еден добар доказ дека имаме одличен старт во оваа област и доказ дека само треба да продолжиме во оваа насока за да можеме и законски и институционално да се усогласиме во зададениот рок, изјави Маричиќ.
Главниот преговарач со Европската Унија, Маричиќ, изрази задоволство од заокружувањето на билатералниот скрининг за Поглавје 24, „Правда, слобода и безбедност“, на кој Работните групи, во овие три дена, имале јасни и исцрпни презентации, со изнесување на многу детали, од кои задоволни биле и претставниците на Европската Комисија.
-Задоволни се од нашето високо ниво на подготвеност во оваа област и тоа само може да ни служи како поттик за да направиме добар план за брзо усогласување, што побрзо усогласување во овие клучни области, тврди Маричиќ.
На прашањето дали во Брисел имаат некакви забелешки за ова поглавје и дали се дадени некакви насоки каде земјава треба да го насочи реформскиот процес, Маричиќ рече дека иако добиле многу прашања од Европската комисија, особено околу институционалните капацитети, човечките капацитети во институциите, крупни забелешки не добиле.
Секако многу внимание се обрна на системот за гонење на организиран криминал и висока корупција, дел од тоа темелно ќе продолжи и во поглавјето 23. Имавме повеќе прашања, но секако дека од нас се бара и ќе се бара да ги зајакнеме институциите коишто се борат со организираниот криминал којшто делува вон границите на која било една држава и секако да се продолжи на патот со зајакнување на механизмите за борба против корупцијата, посочи Маричиќ.
Маричиќ вели дека скрининг процесот се одвива според предвиденото темпо и дека веќе се завршени три кластери на објаснувачки скрининг, додавајќи дека сега Северна Македонија е навлезена длабоко во билатералниот скрининг за првиот Кластер и до крајот на оваа година ќе го завршиме билатералниот скрининг за првиот Кластер.
На прашањето колку процесот е инклузивен, вицепремиерот Маричиќ изјави дека максимално Владата е инклузивна, дека се прават консултации со сите оние делови од општеството што може да се вклучат, во оваа фаза, но дека нивно директно вклучување ќе дојде во подоцнежна една фаза кога ќе се прават Извештаите.
-Оваа фаза е фаза во која институциите го презентираат она што е направено од законско ниво, она што е направено и на институционално ниво и она што го правиме во праксата. Мислам доволно ќе има и време и простор и за вклучување и на бизнис заедницата и на невладините организации и на медиумите секако во овој процес, рече Маричиќ за „Канал 5“.