Лидерската средба беше одличен чекор во вистинска насока и на таа средба се видоа условите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ за уставните измени, кажа вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во гостувањето во Сител телевизија.
-На таа средба се премина една граница, а тоа е дека ВМРО-ДПМНЕ кажа дека не е против уставните измени, а тоа го зборуваа цела година, но сега зборуваме за условите. Тоа е голема разлика, кажа Маричиќ.
Според него сега треба да се разговара за условите, односно за отворањето на кластерите, за периодот на уставните измени, за составот на Владата.
-Тие нешто во друга насока нудеа, но тоа не треба да се преговара преку медиумите. Ние се движиме во реални рамки, а ВМРО-ДПМНЕ во нереални рамки надвор од преговарачката рамка, рече Маричиќ.
Тој додаде дека најкоректно е сега да се разговара и затоа веднаш била направена работна група од страна на СДСМ и директно повикале ВМРО-ДПМНЕ да направат тим кој ќе преговара.
-Логично е да се седне и за ова да се разговара. ВМРО направи чекор напред и ако имаме повеќе средби ќе направат повеќе чекори, можеби тоа ги плаши. Да продолжиме од таму каде што застана лидерската средба, но тоа да биде во реални рамки. Треба разумен разговор како д дојдеме до точката заедно да ја преземеме и споделиме одговорноста, истакна Маричиќ.