Треба да се поздрави фактот што после долго време се случи избор на нови јавни обвинители. Нормално е членовите на Советот на јавни обвинители да комуницираат меѓу себе, можно е некој од внатре кој го знаел расположението по определени кандидати, да ги пренел информациите. Но, тоа прашање да го упатите до Советот на јавни обвинители, бидејќи тие се надлежни и тие одлучуваат, рече денеска министерот за правда, Бојан Маричиќ, на прашање зошто „однапред се знаеле имињата на новите јавни обвинители“.

Министерот Маричиќ на денешната прес-конференција во одговор на прашање околу изборот на новите јавни обвинители во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, и во Вишото јавно обвинителство, Скопје, рече дека тие се битни точки во системот и самиот факт што после долго време се зајакнуваат со по пет нови обвинители, е за поздравување.

Изборот на новите јавни обвинители, како што рече Маричиќ, долго време го бараа и институциите, односно Обвинителството, а исто така и препораката на Европската Унија е да се зајакнуваат капацитетите на овие институции.

Тој рече дека оние што беа избрани се долгогодишни и добри обвинители, и тоа, според министерот, покажува дека во Советот на јавни обвинители внимателно ги разгледувале сите поединечни апликации.

– Не би сакал да коментирам, кој бил избран, а кој не. Тие што не се избрани нормално дека се разочарани, но мислам дека Советот на јавни обвинители е единствено надлежен да цени и да каже според ставот, искуството, профилот на секој од личностите. Впрочем имаше и интервју со секој поединец. Првпат се вршеше изборот по новата законска рамка. односно по новиот Закон за јавни обвинители и затоа тој процес траеше и малку подолго, бидејќи беше потребно и ново нивно оценување, рече Маричиќ.

Прашан дали ќе се спроведе истрага поради тоа што имињата беа познати и претходно, Маричиќ рече дека истрага е апсолутно непотребна.

– Во текот на таа недела имаше неколку координации и претходни состаноци, нормално е членовите на Советот на јавни обвинители да комуницираат меѓу себе можно е некој од внатре кој што ги знаел расположението по определени кандидати да ги пренел информациите. Но, тоа прашање треба да го упатите до Советот на јавни обвинители, бидејќи тие се надлежни и тие одлучуваат, додаде министерот.

Тој појасни дека првпат после долго време, по новиот закон, беше одлучувано за избор на јавни обвинители, во една јавна постапка, во јавен процес, директно пренесуван преку камерите до јавноста каде што секој од членовите на Советот на јавни обвинители се изјаснуваше и образложуваше зошто и како гласа за секој поединец.

– Тоа е новитет во нашиот систем, и мислам дека тоа ја достигнува врвната транспарентност и отчетност на Советот на јавни обвинители. Сите што се избрани се искусни обвинители а тоа го потврдија повеќе експерти во своите ставови, се надевам дека со ова прашање ќе биде упатена порака до Советот да во наредните седници повеќе образложуваат и дискутираат за да и на јавноста и биде јасно зошто е донесена одредена одлука, додаде тој.

Маричиќ посочи дека секој кандидат кој не бил избран овој пат, може да конкурираа повторно, бидејќи ова не е ниту прв, ниту последен оглас.

Во врска со прашањето околу заплена на компјутерите на „Инвока“ и неможност за спроведување на определени тестирања, Маричиќ рече дека стапил во непосредна комуникација со директорката на Академијата на судии и јавни обвинители, Наташа Габер и генералниот секретар на Владата и се бара решение како да се дојде до што поскорешен избор на компанија, која што ќе може да ги да ги спроведе испитите.

Тој додаде дека елиминационите испити на Академијата се веќе во завршна фаза, така што е важно овој процес да се заврши.

– Јас верувам дека ќе се најде соодветно решение за тоа брзо да се направи, работат тимовите на Генералниот секретаријат и тимовите на Академијата, ние како Министертсво за правда помагаме со цел во наредните денови, до крајот на оваа недела, точно да го исцртаме патот како да се заврши овој процес со последниот испит за конкурсите за оваа генерација за 97 нови места, рече Маричиќ.