Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Петар Марков, на вчерашната седница за пратенички прашања поставил прашања до претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, и до министерот за здравство, Азир Алиу.

Како што информира Марков преку објава на социјалните мрежи, двете прашања упатени до премиерот се однесувале на напредокот на Република Македонија во спроведувањето на реформската агенда, како и на мерките за заштита на животниот стандард на граѓаните во услови на актуелната економска криза.

Во однос на прашањето до министерот за здравство, Марков посочил дека побарал информации за инфраструктурните инвестиции во здравствениот сектор, со посебен акцент на Општата болница во Струмица.

Тој ја истакнал потребата од побрза набавка на компјутеризиран томограф, посочувајќи дека пациентите долго време ја чекаат оваа услуга и се принудени да плаќаат високи суми во приватните здравствени установи за ваков тип дијагностички процедури.

Марков, исто така, побарал побрзо завршување и одобрување на техничкиот прием на новото крило на струмичката болница, оценувајќи дека станува збор за една од најголемите капитални инвестиции во регионот.

Според него, болницата опслужува околу 85.000 осигуреници, а дополнителен број пациенти гравитираат од околните општини.