Вицепремиерот и лидер на Демократското движење, Изет Меџити, изјави дека преку посредници добил понуда да се врати во ДУИ со цел поделба на „Вреди“. Тој рече дека понудата пристигнала прво кај него, а не кај Арбен Таравари, но дека ја одбил.
„Ми беше понудено да се вратам, под изговор дека Ахмети ќе се пензионира, а ДУИ ќе се реформира. Јас ја препознав стратегијата – тоа беше обид за поделба на ‘Вреди’“, истакна Меџити во изјава за Телма.
Тој додаде дека полесно би можел да ги излаже поддржувачите со тврдења за реформи, но одбрал да остане доследен. Според Меџити, она што не успеале да го постигнат со него, сега го пробуваат со Таравари.
ДУИ експресно ја демантираше изјавата на Меџити, оценувајќи ја како „ниска лага“. Од партијата на Ахмети порачаа дека ДУИ никогаш нема да стане засолниште за кланови, непотизам и корупција.
„Вредностите на Изет Меџити не се и никогаш нема да бидат вредности на ДУИ“, стои во реакцијата на партијата.
Во врска со актуелната состојба, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски оцени дека дејствијата на Арбен Таравари директно ја потпомагаат ДУИ. Тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ нема да соработува со никого кој ја олеснува работата на политичките опоненти.
„Разочаран сум, бидејќи за Таравари имав позитивно мислење. Но, неговите постапки на терен единствено им одат во прилог на ДУИ“, рече Муцунски во гостување на Телма.
Ситуацијата ја искоментира и опозициската СДСМ, која оцени дека Владата е раскарана и нефункционална. Според нив, коалицијата меѓу ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ е повеќе посветена на внатрешни пресметки отколку на интересите на граѓаните.
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ возврати дека Владата е стабилна и целосно фокусирана на подобрување на животниот стандард. Тие порачаа дека во коалицијата владее демократија и слобода на изразување, за разлика од, како што велат, еднопартиските методи на СДСМ.
Средбата меѓу Христијан Мицкоски и Арбен Таравари е најавена по први мај.
Изјавите на Изет Меџити отвораат две можни интерпретации за однесувањето на Таравари, Едната опција е дека Таравари несвесно наседнал на политичката стратегија на ДУИ за поделба на „Вреди“. Другата опција е дека Таравари можеби ја гледа својата шанса да се позиционира како иден лидер на ДУИ