Поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев ненајавено го посети Пекинг каде се сретна со кинескиот претседател Си Џинпинг со кој разговарале за војната во Украина.

Медведев, кој сега е заменик-претседател на рускиот Совет за безбедност, објави видео на својот канал на Телеграм на кое се гледа неговата средба со Си, а потоа и снимка од средба меѓу кинески и руски официјални претставници.

Медведев рече дека со Си разговарале за стратешкото партнерство меѓу двете земји „без ограничувања“, како и за Украина. Тој не соопшти повеќе детали.

– Разговаравме за соработката меѓу двете владејачки партии на Кина и Русија … билатералната соработка во рамките на нашето стратешко партнерство, вклучително и во областа на економијата и индустриското производство. Разговаравме и за меѓународни прашања – вклучувајќи го, се разбира, конфликтот во Украина, рече Медведев.

– Разговорите беа корисни, додаде тој.