Кина се надева дека сите страни во украинската криза ќе ја задржат воздржаноста и ќе ги решат безбедносните проблеми со политички средства, му рекол кинескиот претседател Си Џинпинг на заменик-претседателот на рускиот совет за безбедност Дмитриј Медведев за време на состанокот во Пекинг, јави денеска кинеската агенција Синхуа.

Според агенцијата, Си му рекол на Медведев и дека се надева оти кинеската комунистичка партија и Единствена Русија можат да ја подобрат комуникацијата и да овозможат „продлабочување на стратешката соработка меѓу Кина и Русија“.

Медведев, кој ненајавено го посети Пекинг, објави видео на својот канал на Телеграм на кое се гледа неговата средба со Си, а потоа и снимка од средба меѓу кинески и руски официјални претставници.

Медведев рече дека со Си разговарале за стратешкото партнерство меѓу двете земји „без ограничувања“, како и за Украина. Тој не соопшти повеќе детали.

– Разговаравме за соработката меѓу двете владејачки партии на Кина и Русија … Билатералната соработка во рамките на нашето стратешко партнерство, вклучително и во областа на економијата и индустриското производство. Разговаравме и за меѓународни прашања – вклучувајќи го, се разбира, конфликтот во Украина, рече Медведев.

– Разговорите беа корисни, додаде тој.