Според првичните информации, загинале најмалку 46 патници во автобус кој сообраќал кон Скопје.

Автобусот се запалил и се превртел, соопшти бугарското Министерство за внатрешни работи, додавајќи дека ова е една од причините зошто луѓето не можат да се спасат. Инцидентот се случил нешто по 2 часот по полноќ кај селото Боснек во делот на автопатот Струма меѓу Перник и Дупница, на 31 километар југозападно од Софија.

„Автобусот во Бугарија влегол од Турција. Жртвите се државјани на Македонија. Меѓу нив има и 12 деца“, изјави за БТВ директорот на Генералниот директорат на Националната полиција Станимир Станев. Едната верзија е дека автобусот удрил во заштитната ограда. Не може со сигурност да се каже дали автобусот прво излетал, а потоа се запалил или најпрво се запалил па излетал, додава БТА.

„Веројатно се работи за техничка неисправност, пред тоа има дупната гума“, изјави за БТВ Николај Николов, началник на Генералната дирекција за противпожарна безбедност и заштита на населението при МВР. Според него, можно е пожарот да избувнал пред да се преврти автобусот. Во несреќата не беа инволвирани други автомобили. Сообраќајот на автопатот е запрен во двата правци. Седум лица биле спасени и пренесени во Итната болница Пирогов во Софија. Станува збор за 17-годишно девојче и шест возрасни лица. Нема опасност по нивните животи.