Групата „Меморија“ за концертот на 11 јуни годинава најави концерт за сите генерации каде што за првпат ќе се воведе платформа за лицата со телесен инвалидитет. На денешната прес-конференција тие исто така најавија дека на концертот ќе се воспостави и трибина од 150 седишта.

– За првпат во Македонија ќе направиме една платформа на која ќе има место за стотина луѓе со телесен инвалидитет, и тие ќе бидат за првпат привилегирани да можат да го гледаат концертот во целина со две платформи, едната во висина со 80 см, другата во висина од метар, изјави Петар Георгиевски – Камиказа на денешната прес-конференција.

Тој информираше дека здружението „Мобилност“ ќе ја предводи платформата за лицата со телесен инвалидитет.

Освен тоа, најавено е дека ќе има и 150 седишта за кои ќе се направи трибина на самиот концерт, а билетите за седиштата ќе бидат во продажба од утре во Југотон или онлајн на страната „Купи карти за се“.

На денот на концертот, пред „Меморија“ ќе настапат „2Be“ и Ламбе Алабаковски, а гости на концертот ќе бидат „Некст тајм“, „Ласт експедишн“, „Морал“ и „Конкорд“.

– Првпат после 30 и нешто години Сеад Јакупи, оригиналниот пејач на „Конкорд“ специјално ќе допатува на концертот на „Меморија“ и ќе ја изведат заедно со Венко Серафимов оригиналната песна, се разбира и со целиот наш бенд на „Високи штикли и црни чорапи“, истакна Георгиевски.

Тој додаде дека на концертот што ќе се одржи на 11 јуни на стадионот на АРМ групата ќе свири и пее за сите генерации.

Претставничката од здружението „Мобилност“ рече дека овој гест за нив е од особено значење затоа што секогаш имале проблем за пристапност на настаните.

– Музиката нема граница, ја слушаме сите од 7 до 77 и после, така за нас овој гест беше од особено значење бидејќи на концертите и било кои други спектакли што се случуваат во нашата држава секогаш ни е проблем таа пристапност, како да се дојде до местото на настанот, како да може сите тие работи да бидат за нас овозможени, истакна таа.

Додаде дека благодарение на таа платформа добиваат и тие можност да присуствуваат на настанот, да бидат уважени и да бидат дел од заедницата како што прилега на конвенцијата и низ сите други начела што ги има во светот.

Како што најавија членовите на групата, на концертот ќе има и други изненадувања.