Овие луѓе од тука ќе излезат и ќе бидат херои за нас. Херои со кои ќе ги учиме нашите деца како се чува својот дом, се брани својата земја и како се сака Македонија, порача денеска адвокатот Тони Менкиновски на протестот по повод неправедно осудените за случајот 27 април од страна на Патриотски Институт на ВМРО-ДПМНЕ „Гоце Делчев“ пред затворот КПД во Штип.
-Кога како адвокат го следев овој процес морам да кажам дека сме имале многу вакви процеси, многу Македонци биле во вакви процеси заради нивната македонска определба во сопствената земја. Сакам само да напоменам три процеси кои ќе ви останат врежани, а тоа е првиот процес во Софија 1890 година против Александар Караѓулев најголемиот патриот, кој што бил осуден затоа што е Македонец. 1943 година Никола Јонков Вапцаров е осуден од бугарскиот цар на смрт затоа што бил Македонец. И сега доживеавме ние Македонците во сопствена држава да ги судат нашите луѓе кои не бранеа, вели Менкиновски.
Менкиновски додаде дека никаде во светот нема вакви драконски казни, порачувајќи дека оние кои што го бранеле Уставот се во затвор, а оние кои што го погазиле добиле функции од власта.
-Ваква одлука нема никаде во цивилизираниот свет и судијата е награден за Уставен судија. Па каква иронија е тоа, тие што го бранеа Уставот се во затвор, а тие што го погазија добиваат функции. Нека запамтат добро се додека има Македонци нема да отстапиме никогаш, порача адвокат Менкиновски на денешниот протест.