Германија ќе се обиде да им забрани влез на британските патници во Европската унија без оглед дали примиле вакцина за коронавирусот, пренесува „The Times“.
Германската канцеларка Ангела Меркел сака да ја прогласи Велика Британија за загрижувачка земја затоа што делтата варијанта на вирусот е толку распространета во земјата, пренесува весникот.
За плановите ќе дискутираат високи европски и национални претставници во Комитетот за интегрирана политика на ЕУ, а Грција, Шпанија, Кипар, Малта и Португалија ќе се спротивстават на обидот.
Предвидено е Меркел оваа недела да се состане со британскиот премиер Борис Џонсон. Велика Британија планира да објави план следниот месец дека целосно вакцинираните лица да можат да патуваат без ограничувања во сите земји, освен оние со висок ризик од инфекција.