Поранешниот албански претседател и актуелен лидер на Партијата на слободата, Илир Мета, во однос на изборниот процес во Северна Македонија, вели дека „тоа треба да бидат што е можно подемократски процеси”.
– Во секој случај, неспорно е дека албанскиот фактор ќе продолжи да биде гаранција за европска Македонија, за евроатлантска Македонија, каков и да е исходот од тамошните избори, дали меѓу македонските партии или меѓу албанските партии и коалиции, додава Мета.
На прашањето дали евентуалната победа на ВМРО-ДПМНЕ би влијаела и би го променила европскиот курс на Северна Македонија, тој со одговор дека не верува, бидејќи „главните одлуки во Северна Македонија се веќе донесени, како што е Договорот од Преспа”.
– Се случија многу важни промени. Колку што забележав, ВМРО-ДПМНЕ имаше многу јасен став во однос на Берлинскиот процес и исполнувањето на обврските околу интеграцијата во Европската Унија. Уште еднаш потенцирам дека не гледам никаква грижа за европската и евроатлантската иднина на Северна Македонија, одговорил Мета во телевизиско интервју од кое пренесува делови на Фејсбук.
Мета и како шеф на државата и сега често ги посетува Македонците во Мала Преспа, а е познат по изјавата „прекрасна македонска заедница” што редовно ја користи за Македонците во Албанија.
Во однос на Косово, пак, тој вели дека „државата Косово е многу пофункционална од Албанија”.
– Државата Косово е и многу подемократска од Албанија, спроведува избори неспоредливи со фарсите на Албанија, држава која во сите меѓународни индекси во однос на транспарентноста или доброто владеење е земја-модел во нашиот регион, со оглед на тоа што сепак има скромно искуство од само 16 години, изјавил Мета.