Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешниот предизборен митинг во Делчево потенцираше дека додека оваа власт на СДСМ ме престанува да краде, народот живее крпен живот и едвај врзува крај со крај, дека Македонија има власт оттргната од реалноста која гледа да ги задоволи само сопствените интереси.

Мицкоски потенцираше дека додека власта се фали со флаери и скапи реклами, народот од тоа нема никаква корист, фрижидерите на граѓаните се празни, бидејќи во меѓувреме инфлацијата ги јаде семејните буџети, досега се празнат џебовите на обичните граѓаните, а се полнат само џебовите на кликата на власта

– Тие гледаат да профитираат и на туѓата несреќа. Додека народот пати, додека народот живее крпен живот, тие не престануваат да крадат. Се сеќавате кога беше полниот ек на корона кризата, и кога немаше вакцини, стотици луѓе умираа дневно, а од власта токмеа провизии при набавка на кинеските вакцини кои што беа неколку пати поскапи од сите други, рече Мицкоски.

Мицкоски потсети и дека оваа власт толку е неодговорна и нема допир со реалноста што поради истите причини изградија модуларни кои се како кибрит, а поради чиј неквалитет животот го загубија 14 луѓе во Тетово и живи гореа, а мува не ги лази да понесат одговорност.

– Денес ни седи пред врата енергетска криза. Тие се навртеа на тендер од 50 милиони евра за увоз на јаглен од Косово. И тука никој не го поставува прашањето зошто да плаќаме за увоз, кога РЕК има ископ на јаглен. Одговорот е дека на РЕК се потсетуваат кога ќе треба Струмички компании блиски до Заеви да земат тендер, а не и кога ќе треба да се копа јаглен, вели Мицкоски.

Тој нагласи дека таквата штета од недомаќинското работење на РЕК ќе се плати со парите од џебот на граѓаните, исто како што граѓаните ќе ја платат и штета за патиштата која ќе се случи поради увезениот јаглен и дека тие и од ова ќе профитираат за да стрпаат уште еден милон плус.