Овие од власта како тргнале по забрзана патека не водат во бездната, да не потсетат како беше во времето на транзицијата. На 17-ти октомври треба гласно да зборуваме и да покажеме дека тој пат нема заеднички да го одиме, туку ќе одиме кон патот на иднината, чесноста и честитоста. Патот на криминалот и корупцијата која што го нуди оваа Влада да го заборавиме. Патот на просперитетот, проектите, победите и промените, тоа е патот кој што ние ќе го одиме, истакна Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ на митингот во Кавадарци.

Мицкоски додаде дека треба заеднички да се гради патриотизмот на 21 век, тоа е модерен обединувачки патриотизам. Заедничкиот патриотизам е да се победи заедничката мака, да се создаде заедничка иднина.

„Да покажеме дека политичарите кога се во Владата и во институциите не ги поседуваат гласовите на граѓаните во џебот, туку треба макотрпно деноноќно да работат, да бидат слуги на тој народ, и таа поддршка да ја заслужат“, рече Мицкоски.

Мицкоски посочи дека заеднички патриотизам е заеднички да се успее, заеднички да се вратат добрите луѓе кои се иселија од Македонија. Заеднички патриотизам е да се биде без предрасуди, да се победи криминалот, корупцијата и неправдите.

„Сето ова го има во програмите на идните градоначалници. Повеќе од 14.835 проекти од различни области, од различни сфери, за различни потреби на граѓаните, решенија на реалните потреби, суштинските потреби на граѓаните. Таму ќе најдете реконструирани 2.000 нови улици, ќе најдете 100 градинки, 150 училишта, 150 нови паркови, инвестиции во животната средина, и градба на нови 60-тина објекти на културата и реновирање на истите, 90 спортски сали за младите, гасификација“, нагласи Мицкоски.