Антонијо Милошоски член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник во македонското Собрание, вечерва гостуваше во „Тема на денот“ на Сител телевизија при што се осврна на предлогот на опозициската СДС за организирање на референдум за ЕУ и најнапред констатираше дека со истиот се потценува интелигенцијата на граѓаните бидејќи предлогот доаѓа од Венко Филипче, министер во Владата која веќе еднаш неуспешно организираше референдум за промена на уставното име на земјата и која при тоа не ја испочитува волјата на граѓаните, како и тоа дека ова прашање е веќе апсолвирано.
„Прво сакам да објаснам што би се постигнало со еден ваков чекор со еден референдум. Мислам дека е потценување на интелигенцијата на граѓаните, предлогот за референдум доаѓа од Венко Филипче, којшто беше министер во Владата којашто веќе организираше референдум. Организираа референдум со прашање: Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот Македонија-Грција за промена на уставното име? Видовме дека нема ништо од Европската Унија. Референдумот не беше ни успешен, но не ја почитуваа ниту волјата на граѓаните. Второ, сметам дека ако навистина Венко Филипче има интерес овој референдум да се случи како иницијатива, не мора да ја прозива Владата, бидејќи Владата еве смета дека е непотребно трошење на средства и време на тема којашто веќе е апсолвирана“, рече Милоmiшоски.
Милошоски истакна дека доколку опозициската СДС и Филипче сметаат дека референдумот е потребен и нужен, ним како политичка партија и политички чинители на располагање им стојат два механизми кои можат да ги искористат, но неговото видување е дека или СДС нема самодоверба околу тоа дали воопшто би ги следеле 150 илјади граѓани да соберат потписи или немаат коалиционен капацитет заедно со ДУИ да покренат иницијатива за референдум.
„Едниот механизам според Законот за референдум е да собере 150 илјади потписи како граѓанска иницијатива, може Венко Филипче да се потпише прв, другите пратеници од СДС и да поканат уште 150 илјади граѓани да им се придружат бидејќи тврдат дека голем дел од граѓаните им даваат поддршка. И втората работа што може да ја направи СДС, тука би го покажале и нивниот коалиционен капацитет, во Деловникот постои можност, иницијатива за измена на Уставот и референдум за истото да покренат и политички партии, најмалку 30 пратеници. СДС има 18, заедно со ДУИ- 18, имаат 36 пратеници. Може СДС и ДУИ да се потпишат на една таква иницијатива и да покренат иницијатива за референдум при што Собранието ќе мора нужно да ја разгледа и гласа“, кажа Милошоски.
Пратеникот Милошоски додаде дека ВМРО-ДПМНЕ смета дека во овој момент државата има поважни приоритети, меѓукои, да се работи на капитални инвестиции, да се работи на зацврстување на системот, на подобра економија, на подобро образование и здравство.
„Да не се троши време на поларизација на граѓаните којашто еднаш веќе ја преживеавме како општество во септември 2018 година, за тема којашто не е наша туку е наметната од официјална Софија како барање за смена на Уставот, а главниот адвокат на таа тема во Македонија е Венко Филипче. Сметам дека би било бесмислено да се оди во таа насока, но доколку СДС инсистира на тоа имаат законски опции да ја остварат оваа можност“, заврши Милошоски.
