Министерството за здравство: Со новиот закон првпат се опфаќаат сите никотински производи

Со новиот предлог-закон за заштита од пушењето, првпат се предвидува целосна регулација на сите никотински производи, соопшти Министерство за здравство. Законот ги опфаќа класичните цигари, електронските цигари со и без никотин, загреаните тутунски производи, бездимните никотински производи, како и производите кои го имитираат пушењето.

Како што се наведува во соопштението, целта е да се воспостави контрола и врз новите производи кои создаваат чад или аеросол со штетни материи и за кои истражувањата покажуваат дека често доведуваат до побрзо создавање зависност.

Забрана на вкусови како превентивна мерка

Предлог-законот предвидува и забрана за производство, увоз и продажба на никотински производи со овошни, слатки, ментол, билни и други вкусови. Според Министерството, ваквите вкусови ја олеснуваат првата употреба и ја забрзуваат појавата на зависност, поради што оваа мерка се смета за една од најсилните превентивни практики што се применуваат и во европските земји.

Фокус на заштита на младите и усогласување со СЗО

Министерот за здравство Азир Алиу посочи дека примарната цел на законските измени е заштита на здравјето на младото население. Според најновите податоци, меѓу учениците на возраст од 13 до 15 години, девет проценти моментно користат електронски цигари, 4,9 проценти користат загреани тутунски производи, а 10,6 проценти изјавиле дека некогаш ги користеле.

Воедно, од Министерството информираат дека предлог-законот е целосно усогласен со глобалните јавно-здравствени политики и со насоките на Светска здравствена организација преку Рамковната конвенција за контрола на тутунот. Со него се воспоставува сеопфатен систем кој опфаќа заштита од изложеност на чад, ограничување на маркетингот и промоцијата, спречување на индустриско влијание преку спонзорства, како и мерки за превенција и поддршка за откажување од пушење.