„Регионот Малешево, што ги опфаќа општините Берово и Пехчево, претставува целина која се истакнува со своето природно и културно богатство, каде што управувањето со шумите е долгогодишна традиција. Малешевијата е област во која природата истурила едно чудо убавини, природни богатства од кои застанува здивот. Борови, дабови и букови шуми, чисти реки, разновидност од цвеќиња и лековити чаеви, мноубројни животински видови, традиции, храна. Малешево навистина ги исполни сите услови за да стане заштитено подрачје“, посочуваат од Министерството.
Во рамките на кампањата јавноста ќе се информира и ќе се запознае со тоа што претставува заштитено подрачје и како може да се зачуваат природните вредности и воедно да се обезбедат економски придобивки од заштитените подрачја. Ќе се презентираат промотивни видеа, илустрации и други содржини за природните вредности, биодиверзитетот, туризмот, планинарството, културата и традициите во Малешево, а ќе се споделат и важни информации за идното заштитено подрачје. Кампањата, информираат од Министерството, е поддржана од Програмата за зачувување на природата во Северна Македонија (ПЗП), проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), а координиран од „Фармахем“ од Скопје, како и од општините Берово и Пехчево.