Министерот за одбрана на Република Македонија, Владо Мисајловски во своето вчерашно гостување во емисијата „Click Plus“ на телевизија 21 дека ресорното министерство направило ревизија на договорот за набавка на хеликоптери од италијанската компанија „Леонардо“ и дека ревизијата ги потврдила забелешките кои претходно биле нотирани и од Државниот завод за ревизија, по што случајот е разгледуван од надлежни институции, но дека клучната цел останува тие да пристигнат во земјава без доцнење.
-За мене најважно е хеликоптерите да пристигнат. Станува збор за огромна индустрија, а „Леонардо“ е една од најголемите компании во оваа област и нивни хеликоптери користат повеќе НАТО држави, изјави министерот.
Мисајловски посочи дека првичната понуда за набавката била околу 213 милиони евра, но договорот подоцна пораснал на 249 милиони евра со вклучен ДДВ, што според него е едно од најсериозните прашања во процесот.
-Доколку во постапката се бара дополнителна опрема, тогаш тоа требало повторно да се понуди и на другите компании кои учествувале во постапката, за да се види дали ќе има подобра цена, рече министерот Мисајлоски.
Министерот појасни дека пред институциите постоеле две опции, арбитражна постапка за целиот договор или продолжување на процесот со подобрување на условите.
Арбитражата носи ризик да останете и без хеликоптери и без средства, а можни се и пенали. Затоа ангажиравме адвокатска куќа која детално го анализира договорот и предложи чекори за подобрување на условите, истакна Мисајловски.
Според него, во договорот има пропусти, меѓу кои и тоа што хеликоптерите не доаѓаат со сериозно вооружување.
-Воен хеликоптер треба да биде соодветно вооружен. Овие се повеќенаменски, претежно транспортни, но постои можност дополнително да се догради вооружување и тоа ќе биде една од темите на разговор во следниот период, додаде Мисајловски.
Министерот информира дека испораката на хеликоптерите се очекува до крајот на следната година, при што првите летала би можеле да пристигнат во втората половина од периодот.
Тој нагласи дека државата оваа година ќе исплати околу 100 милиони евра за договорот со „Леонардо“, што значително влијае врз буџетот на Министерството за одбрана.
Извор: Курир
