Во вечерашното издание на дебатната емисија “Што не е јасно?” на ТВ Алфа гостуваше потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски кој зборуваше за моменталната политичка ситуација во државата, нестабилното парламентарно мнозинство, како и за ненабавката на вакцини против Ковид-19 вирусот.
Мисајловски потенцираше дека Владата и Министерството за здравство дефинитивно не знаат во која насока ја водат државата во однос на пандемијата, бидејќи секојдневно слушаме како се е под контрола, а имаме над 30 починати речиси секој ден, што е крајно поразително.
Заев и Филипче секој ден даваат изјави каде што велат дека државата одлично се справува со пандемијата, дека нема потреба од нови мерки, дека Македонија е една од земјите кои најдобро се справуваат со вирусот, а фактите говорат нешто сосема друго. Граѓаните се во неизвесност во однос на вакцините, полицискиот час, мерките кои надѕираат позади пресовите на Филипче, а власта упорно ја уверува јавноста дека блескаме, вели Мисајловски.
“Граѓаните се апсолутно незадоволни од досегашните мерки од страна на Филипче и Владата, бидејќи не само што не резултираат со намалување на бројките, туку дополнително ја тестираат толеранцијата на граѓаните затворајќи ги дома, додека пратеници излегуваат заболени од вирусот од дома и присуствуваат на парламентарните седници. Филипче треба да биде искрен кон себе и кон граѓаните и доколку не се чувствува способен да го води министерството, коректно е да си поднесе оставка”, додаде Мисајловски.
После една година и поголемо искуство во однос на вирусот, наместо нови издржани мерки, Владата спроведува мерки од минатата година. Граѓаните забележуваат дека мерките се ископирани од изминатата година во истиот период, кога за празниците следуваа долги карантини. Владата и овој пат потфрла со мерките, но не само со мерките, сега потфрла и со набавката на вакцините, кои што се неопходни, заврши Мисајловски.