Првиот човек на општина Аеродром, Дејан Митески одговори на шпеклуациите дека ќе се бетонизира парцела во близина на ОУ Ѓорѓија Пулевски. Митески со реакција на социјалните мрежи даде објаснуање по гласините дека парк во општината ќе прерасне во станбен комплекс.
– Деновиве во јавноста се појавија информации дека „парковски простор во срцето на Општина Аеродром е мета на градежни амбиции“. Како општина ве уверуваме дека посочената парцела ќе остане парк со постојното парковско зеленило, без најмала можност некој да го бетонизира, потенцираа од општината.
Велат дека ја разбираат загриженоста на граѓаните.
– Имајќи предвид дека во минатото имаше и примери каде што за бизнис интереси се узурпираа постоечки паркови, па токму затоа сакаме да потенцираме дека за таа парцела што е во приватна сопственост, а која се наоѓа во зеленилото пред ООУ „Ѓорѓија Пулевски“ нема маркица за градба во постојниот ДУП. Ние како општина сме должни да ги заштитиме интересите на сите граѓани и затоа со внимание го следиме овој случај, како и наводните изјави од сопственикот на парцелата дека планира да го загради имотот, појаснуваат од локалната самоуправа.
Целата објава може да ја погледнете на Фејсбук профилот на Дејан Митески.
Ограда не може да биде поставена без одобрение за истата, а секое постапување спротивно на позитивните законски прописи ќе биде третирано како градба без одобрение, заради што е предвидена и кривична одговорност, додаваат оттаму.