Градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, се огласи по низата шпекулации во јавноста поврзани со манифестацијата „Зимзоленд“, посочувајќи дека институциите постапуваат согласно законските надлежности.
Инспекциска постапка започната кон крајот на ноември
Митески информира дека инспекциските служби на Општина Аеродром професионално и посветено ја спроведуваат својата работа. Како што наведува, инспекциската постапка е отпочната на 28 ноември 2025 година и во моментов се разгледуваат сите релевантни факти и околности, исклучиво во делот на одобрението за поставување урбана опрема.
Општината не е организатор на „Зимзоленд“
Појаснувајќи ја улогата на локалната самоуправа, градоначалникот истакна дека земјиштето на кое е поставена манифестацијата е во приватна сопственост, а Општина Аеродром не е организатор ниту учесник во програмските активности на „Зимзоленд“.
ЌЕ СЕ ОТСТРАНУВА ЗИМЗОЛЕНД: Општина Аеродром интервенира по хаосот – изрече казни и забрана
Транспарентност и сигурност за жителите
По целосното завршување на инспекциската постапка, од Општината ќе бидат преземени соодветни мерки што произлегуваат од законите, доколку за тоа постои утврдена основа. Митески нагласи дека довербата и спокојството на граѓаните се од големо значење, додавајќи дека транспарентноста и отвореноста остануваат водечки принципи, со цел обезбедување сигурна, уредна и пријатна средина за сите жители на Аеродром.
