Тргувањето со криптовалутите станува сѐ почесто споменувано, a овој вид вложување сѐ повеќе го привлекува вниманието на граѓаните. Напредните држави имаат огромен напредок во оваа област, се овозможуваат финансиски трансакции преку криптовалути. Дополнително, во светот има голем број на банки кои преку нивна платформа дозволуваат трговија. Во Република Македонија овој сегмент сѐ уште не е регулиран со закон, па, во случај на измама, нема начин да се обештетат инвестициите. Нашите закони ниту овозможуваат, ниту пак забрануваат купување и продавање криптовалути, поради што граѓаните имаат можности сами да одлучуваат дали ќе инвестираат, изјави на денешната прес конференција, Марија Митева, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Таа истакна дека со регулација на криптовалутите неколку десетици милијарди евра годишно завршуваат во буџетите на земјите како САД и Германија.

– А за истото, веќе и во останатите земји во ЕУ се прави стратегија за тоа како да се регулираат криптовалутите кои сеуште се во сивата зона. ВМРО-ДПМНЕ цени дека времето на политички теми кои на дневно ниво ја уназадуваат Македонија е завршено. Преку пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието, ќе поднесеме Закон со кој ќе се дозволи трговија и чување на криптовалутите во Македонија. Со тоа, инвестираните и вложени пари од граѓаните ќе завршат во буџетот, ќе ја подобриме економијата. Ова законско решение кое ќе го предложиме ќе ги содржи во себе следните ослободувања:
Најпрво, Трговија со криптовалути без ДДВ; Потоа ќе воведеме законска норма со која тие кои што ќе тргуваат со криптовалути најмалку до крајот на 2023 година ќе бидат ослободени од данок на добивка и персонален данок на доход, посочи таа.

Митева вели дека со тоа ќе се обезбедат најмалку половина милијарда евра во македонскиот буџет!

– Патот кон дигитализација и напредна технологија треба да го следиме на овој начин. Појавата на блокчејн-технологијата како револуционерна технолошка иновација, го наметна дискурсот за нејзините потенцијални влијанија и ефекти врз економијата и бизнисот. Во овој контекст, блокчејн технологијата се перципира како атрактивна опција за технолошка трансформација на повеќе сектори и бизниси меѓу кои особено се акцентираат можностите за имплементација во финансискиот сектор. Нејзината појава навестува една нова ера на придобивки во сите сфери во организацијата на работењето на фирмите во сите сектори. Ако ова е иднината, тогаш време е да почнеме да ја применуваме. ВМРО-ДПМНЕ нуди поинаков пристап, пристап кој му е потребен на македонското општество, додаде портпаролката.