Силната соработка се гради преку присуство, размена на идеи и заедничка визија, порача претседателката на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева, која овие два дена учествува на академијата „Да ја искористиме силата на жените“ во Атина.
Митева преку објава на „Инстаграм“ посочи дека Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ продолжува да ја унапредува соработката со EPP Women, како дел од европското политичко семејство.
„Овие два дена учествувам на академијата „Да ја искористиме силата на жените“ во Атина, која претставува можност за споделување искуства, воспоставување нови иницијативи за градење соработки, како и за отворена дискусија за актуелните предизвици со кои се соочува Европа“, напиша Митева.
Таа упати и честитки до Мариад Мекгинес за изборот за претседателка на организацијата на жени на Европската народна партија.
„Нејзиното долгогодишно искуство и посветеност се значаен потенцијал за понатамошно зајакнување на организацијата“, наведе Митева.
Според неа, учеството на академијата претставува продолжение на долгогодишното партнерство, со амбиција за уште поголема соработка, посилно поврзување и поголема видливост на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ во европското политичко семејство.
„Продолжуваме заедно, со јасна европска перспектива и зајакната соработка“, порача Митева.
