Додека власта е во трка за зголемување на мнозинството чија наводна цел е европеизација на Македонија, граѓаните се чувствуваат дека Македонија никогаш не била подалеку од Европската Унија. Додека власта убедува дека преговорите се започнати, довербата за жал вртоглаво опаѓа, посочува Марија Митева, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
-Нашата стратешка цел Македонија да стане рамноправен член на ЕУ преку принципи и вредности стана недостижна цел поради погрешните политики на власта. Анкетата на Евротинк покажува драстичен пад на довербата на граѓаните. На прашањето дали членството на Македонија во Европската Унија е добра работа само 49% од граѓаните одговориле позитивно, што е пад од 20% за само една година. Самиот процес за пристапување кон ЕУ кој беше на страната на оптимизмот, оваа влада го претвори во непоправлив песимизам. Секој трет граѓанин рекол дека Македонија никогаш нема да стане членка на ЕУ што никогаш досега не било случај. Власта на СДС и ДУИ го крена евроскептицизмот на највисоко ниво и се тоа е резултат на погрешните политики, на неспособноста и криминалот на власта, вели таа.
Митева порача дека никој повеќе нема доверба во оваа власт.
-Како од договор чие име гласи за добрососедство и пријателство ги донесоа дури 42% од граѓаните да сметаат дека Македонија е под закана од друга држава? И на ова прашање имаме скок од 4% во споредба со лани, што е уште еден показател дека од година во година апатијата расте. Политиките кои власта ги води, а се однесуваат на евроинтеграцискиот процес се политики кои создаваат револт и фрустрации, Македонија секојдневно се соочува со неразумни блокади наместо да чекори напред. За огромен број на граѓани членството во Европската Унија се сведува на две работи, на економска состојба и подобар живот, и на функционална правна држава. Во моментов Македонија за жал ги нема ниедна од двете. За голем дел од граѓаните ова станува далечна желба. А, за жал ентузијазмот во однос на проширувањето на Европската Унија се повеќе и повеќе опаѓа. Затоа потребни се промени, Македонија вистински да биде во правилен чекор кон евроинтеграцискиот пат, да се запре со користењето на процесот на европски интеграции за внатрепартиска политика и да имаме влада која вистински ќе ги негува европските принципи на владеење на правото, борба со корупцијата и криминалот, реформи во правосудството и само така да ја вратиме довербата кај граѓаните, посочува Митева.